Речиси целосно прикажано од гледна точка на Дајана, „Спенсер“ ја користи својата слобода за да навлезе во матната психологија на вознемирената принцеза.
Ова претставува уште еден филм за една позната жена фатена во запчаниците на машина под висок притисок.
Филмот започнува со серија спектакуларни кадри од имотот Сандрингам придружени од какофонија на искривени мелодии од композиторот Џони Гринвуд.
Гледаме како на Бадник пристигнува конвој од воени камиони натоварени со сандаци за оружје. Војниците маршираат со сандаците до кујната каде што ги пречекува главниот готвач Дарен Мекгрејди. Но, на наше големо изненадување во секој од сандаците нема автоматски пушки или експлозиви, наместо тоа, тие се полни со извонредни јадења како леден јастог, свеж зеленчук и егзотично овошје. Додека војниците излегуваат, бригадата на готвачи на Мекгрејди влегува и се припрема да започне со подготовките.
Кратка сцена подоцна, сите кралски членови пристигнаа со еден исклучок. Дајана патува по селскиот пат во нејзиниот црн Порше кабриолет, залутана во област што треба добро да ја познава. Тоа е местото каде што пораснала како дете, само неколку минути подалеку од имотот Сандрингам. Таа решава да застане, излегува од својот кабриолет и влегува во мало кафуле кое се наоѓа покрај патот и лежерно ги прашува вчудоневидените лица кои седат внатре: „Каде сум јас?
Моментот кога Дајана конечно пристигнува на имотот Сандригам, добиваме појасна слика за тоа што ќе се случува во филмот. Камерата постојано ја демне расеаната Лејди Дај додека таа шета низ долгите ходници и влегува од соба во соба, секоја облеана во неверојатен Божиќен раскош. Дајана постојано го избегнува Кралското семејство додека престојува на имотот и ги одвраќа слугите кои доаѓаат да и соопштат дека се бара нејзиното присуство.
Кога сме веќе кај Кралското семејство, во филмот Чарлс е претставен како неприкосновен лудник, додека кралицата Елизабета е претставена како лик кој што зборува многу со поглед, а изустува само неколку зборови во цел филм. Ниту на двета лика не им е дадено многу време и простор за развој, но тоа е дел од дизајнот. „Спенсер“ не е нивна приказна, туку на Дајана, и филмот го посочува горделивото изолирано постоење на семејството Виндзор во секоја можност. Само во моментите со нејзините синови Вилијам и Хари ја гледаме Дајана среќна и насмеана, не како принцеза, туку како мајка.
Додека го гледав „Спенсер“ имав чувство како ништо навистина да не се случува. Но, со текот на времето работите ми стануваа појасни.
Целта е да се наслика живописна слика за жена која е турната до работ на амбисот од угнетувачката аристократска машина.
Непријатните сцени кои откриваат депресија, самоповредување и булимија ги истакнуваат длабочините на нејзиниот пад. Но, потоа следува промена кога Дајана почнува да презема контрола врз нејзиниот живот. И како што сугерира насловот, таа ќе треба да погледне во своето минато пред да може да продолжи напред.
Метафорите стануваат премногу очигледни, бисерниот ѓердан, духот на Ана Болејн и најзначајното од се е чудното и неразвиено пријателство помеѓу Дајана и нејзината измислена помошничка.
Сепак, тешко е да не бидете вовлечени во овој спин на британското кралско семејство кое нема да придобие ниту еден обожавател во Куќата на Виндзор, но треба да ги освои сите преостанати скептици на Кристен Стјуарт, во кои припаѓав и јас.
Да, потенцирам дека употребив минато време и напишав "припаѓав". Моето мислење е дека ова е улогата на нејзината кариера или како што милуваат да кажат оние од англиското говорно подрачје ова е The Role of her Life за која се шушка дека многу веројатно може да и донесе и Оскар на Стјуарт во новата 2022 година.
0 Comments