The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

“Емили во Париз„ се враќа на Нетфликс со нова сезона!

Штотуку ја завршив втората сезона од мега популарната серија на Нетфликс - “Емили во Париз„ па решив да споделам со вас што мислам за неа.





Во првата сезона на "Емили во Париз" гледавме како Емили се приспособува на францускиот начин на живот во Париз, од говорењето многу слаб француски, па се до помирувањето со необичниот пристап на работа во луксузната маркетинг агенција Савоар. 

Последните сцени од сезоната ни прикажаа како Емили конечно завршува со младиот и успешен chef  Габриел, откако тој и кажува на Емили дека раскинал со својата девојка Камил и дека заминува назад во Нормандија каде планира да го оствари својот сон и да отвори свој ресторан.

Но, во меѓувреме Емили веќе разви мала романса настрана и со Матју Кадо, наследникот на луксузниот бренд Пијер Кадо, кој ја поканува Емили на романтичен викенд во Сан Тропе.





Втората сезона малку ја забрзува приказната, но не ја променува премногу.

Се уште можеме да видиме разни нијанси на трапавоста на Емили во однос на последиците од нејзините постапки, посебно во однос на нејзиното жалење за ноќта помината со Габриел.

Таа е решена да ги поправи работите помеѓу неговата, сега веќе поранешна девојка и добра пријателка на Емили - Камил. Оваа мисија уште од првата епизода има неколку дупки во планот, но сепак Емили прави се за овој нејзин план да успее.





Додека во првата сезона имавме прилика да го гледаме во прв ред турбулентниот работен однос помеѓу Силви и Емили, втората сезона ни прикажува дека овие две жени имаат многу повеќе разбирање една за друга. 

Додека цинизмот на Силви ја мотивира Емили да работи понапорно од било кога, емпатијата и љубезноста пак на Емили ја тераат Силви да стане малку поотворена. Оваа синергија која се раѓа меѓу двете бизнис жени е право задоволство да се гледа и е нешто во кое може да се пронајде секој кој има/л колега со кој не стои на иста бранова должина.

Сепак, едно од најголемите задоволства да се гледа во оваа сезона е како Емили конечно се препушта на учењето на францускиот јазик и почнува многу посериозно да ги сфаќа приватните часови по француски јазик на кои присуствува секој ден по завршување со работните обврски во агенцијата.





Секако, за да биде се уште поинтересно, таа дури и стекнува пријател на часовите по француски јазик, а тоа е британскиот банкар Алфи, со кој по неколку епизоди пријателство испишува уште една љубовна романса и продолжува да се држи до својот план да биде подалеку од Габриел.

Секогаш директниот Алфи го оспорува нереалниот романтизам на Емили за Градот на светлината и зборува за тоа како репутацијата на Париз е права фасада, чад и огледала што продаваат нешто на луѓето што не е реално.

Морам да признаам дека ликот на Алфи многу ми се допадна и беше совршен додаток во оваа сезона кој ја разниша Емили и ја натера да биде поопуштена и спонтана, а не само фокусирана на својата работа.

Во оваа сезона како и во првата работите ретко остануваат мирни и стабилни кога станува збор за нашата хероина.





Фактот што брендот за шампањ на семејството на Камил, "Шампер", сега веќе соработува со Савоар прави приватните неволји на Емили да се прелеат и во нејзиниот работен живот, предизвикувајќи уште поголем хаос и на двете полиња.

Омилена ми беше изјавата што Силви и ја упатува на Емили уште во првата епизода: „О Емили, од ден на ден стануваш се поголема Французинка!„ - со која се исмева на целиот хаос кој постојано ја следи Емили.





Сакам накратко да се посветам на ликовите на Габриел, Камил и Минди.

Ако бевте фан на Габриел во првата сезона, втората сезона може да ве предомисли. 

Неговата незаинтересираност и непромисленост за тоа колку ја повредил Камил крајно многу ме иритира. Секако, тој е зафатен со зацврстување на неговото бизнис партнерство со Антоан Лаво и отворањето на неговиот ресторан "Ше Лаво" во Париз, но сигурна сум дека никој не може да биде толку крут и невнимателен.

Разочарувачки, ликот на Камил се сведува на уште една девојка со скршено срце која пати по нејзиниот поранешен дечко. Таа штом ја дознае вистината за Емили и Габриел се претвора во одмаздољубива личност која глуми дека се е во ред и е непроменето.





Серијата конечно овозможува ликот на Минди да засјае во оваа втора сезона. Минди се бори да добие работна виза во Париз додека изнаоѓа разни начини да заработи пари само со нејзината патничка виза и без моралната и финансиска поддршка на нејзиното семејство. Таа успева да го пронајде својот глас и љубов, а нејзината приказна е една од моите омилени во новата сезона.





Како огромно изненадување во оваа сезона е појавувањето на ликот на Мадлин, големата шефица од Чикаго која остана бремена уште во првата сезона и на нејзино место ја испрати Емили да отпатува и биде претставник на Гилберт групацијата во Париз. 

Таа ненајавено доаѓа да го провери прогресот на Савоар под водството на Силви. Ова е ситуација која ја става Емили во средина на една многу непријатна борба за моќ меѓу Мадлин и Силви. Оваа борба за превласт го доживува својот пик многу брзо и Емили е ставена пред свршен чин да направи избор кој ќе и го промени животот засекогаш.

Што Емили ќе одлучи останува да откриеме во третата сезона, доколку Нетфликс одобри истата да се снима во текот на идната година.





На многумина оваа сезона не им се допадна многу, но секако како и секогаш не дозволувам туѓите впечатоци да ми повлијаат во формирањето на мое мислење.

Мене оваа сезона многу ми се допадна. Како и во првата сезона, така и во оваа се изнагледав суптилен, но многу добар хумор, француски цинизам и целокупен животен стил на французите.



Па што повеќе треба да очекуваме од една ваква серија која е инспирирана од се она што претставува Париз и францускиот начин на живот?







0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top