Убиство во Ориент Експрес

Ми причинува особено задоволство денес да ви пишувам објава за едно од најпознатите дела на брилијантната и моја омилена авторка - Агата Кристи, а тоа дело е "Убиство во Ориент Експрес".






Романот „Убиство во Ориент Експрес“, објавен во 1934 година, Агата Кристи го посветува на својот втор сопруг, Макс Едгар Лусиен Малован. 

Ова се смета за најпознатото дело на Кристи со повеќе филмувани и ТВ-верзии како што е најпознатиот ТВ серијал "Agatha Christie's Poirot", во кој една епизода претставува обработка на еден роман на Кристи. 







Јас, за жал или за среќа прво ја изгледав епизодата од серијалот, па потоа ја прочитав книгата. Но, да бидам сосема искрена ќе кажам дека епизодата ја гледав некаде 2011 година, и како вчера се сеќавам дека ХРТ го имаше откупено правото за емитување на целиот Поаро серијал и се погодуваше од време на време да начекам по некоја епизода и да ја изгледам.

Има поминато 13 години од моето гледање на таа епизода и скоро на ништо не можев да се сетам додека ја читав книгата.

Многу е веројатно дека приказната (која е делумно инспирирана и од вистинити настани) ја има создадено додека престојувала на археолошките ископини во местото Арпачија, Ирак.

Во оваа книга планот на Херкул Поаро да престојува неколку дена во Истанбул е нарушен кога добива ненадеен повик итно да се врати во Англија. Со помош на г-дин Бук, негов сонародник и директор на „Меѓународната компанија за вагони за спиење“, Поаро некако успева во последен миг да добие место на возот „Ориент Експрес“ и линијата Истанбул-Кале.

Еден од сопатниците, американскиот магнат Семјуел Едвард Рачет, му се обраќа на славниот детектив за помош со објаснување дека добивал анонимни закани по неговиот живот, но Поаро не го сфаќа сериозно и одбива да му помогне.

Следното утро, додека возот стои затрупан од снежна бура на трасата помеѓу Белград и Винковци, Рачет го пронаоѓаат мртов во неговото купе, повеќекратно избоден со нож до смрт.

Поаро решава да го испита ова убиство и притоа открива дека се работи за сложено злосторство чиешто решение исто така бара сложени методи, пред сè, дедукција и употреба на неговите мали сиви клетки.

Уникатноста на убиството, основата и врските со минатите злосторства, мотивите на секој лик и различните индиции, сето тоа кулминира во интелегентно, заговорено и изненадувачко откритие.




Доколку сте љубители на "locked room" мистерии (приказна во која злосторството, се случува под збир на навидум невозможни околности, на локација која е „заклучена“ или непристапна за надворешниот свет), интересни и морално сиви ликови, ова е книгата за вас.

Топло ја препорачувам "Убиство во Ориент Експрес", која можете да ја пронајдете и преведена на македонски јазик во сите Литература продавници низ Скопје.

0 comments