The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Вреди ли да го погледнете популарниот "Wednesday" серијал?

Се присетив колку многу ме фати желба пред некој ден да споделам на мојот инстаграм профил свое мислење за новиот серијал "Wednesday" кој веќе една недела се емитува на стриминг платформата Нетфликс, но сепак се воздржав од тоа да го дадам веднаш својот осврт и одлучив да напишам еден пост посветен исклучиво на овој нов проект на добро познатиот и еден од моите омилени режисери - Тим Буртон.






Се работи за еден вид spin-off серија за Семејството Адамс, со посебен осврт на најстарото дете на Адамсови - Среда.

Иако Кристина Ричи во минатото ја одглуми оваа улога до совршенство, сепак факелот овој пат беше предаден на младата Џена Ортега, која имаше доста тешка задача пред себе.





Серијата започнува со прикажување на средното училиште Ненси Реган каде што Среда се школува. Облечена целосно во црно за разлика од нејзините соученици Среда оди по ходникот застанувајќи до своето училишно шкафче, го отвара и на нејзино изненадување го здогледува својот брат Пагзли, стуткан во шкафчето, заврзан со јаже и со црвено јаболко во устата, заробен од неговите соученици.

Гледајќи го во оваа состојба својот брат, Среда во свој стил веднаш пристапува кон контра напад и фрла кеса со пирани во базенот на ватерполо тимот кој е одговорен за тоа што му се случило на Пагзли.

Откако беше суспендирана премногу пати од разни средни училишта, таа конечно со последната постапка ја прелеа чашата на своите толерантни родители и беше принудена да направи трансфер во друго средно училиште, некаде по „соодветно“ за некој како нејзе.





Гомез и Мортиша (Луис Гузман и Кетрин Зета-Џонс), одлучуваат да ја испратат нивната ќерка во интернатот во кој тие некогаш се школувале - Невермор Академијата, каде што тие се сигурни дека таму Среда може да биде меѓу оние што се „како неа“.

Во академијата се школуваат врколаци, вампири и разни други натприродни суштества, па така серијата прави поделба на два типови на луѓе (?) - „отфрлените“ и „нормите“, и секако нашата хероина е една од „отфрлените“.

Среда уште од самиот старт има негативен пристап кон академијата и бара начини како да избега од таму, но токму кога таа се откажува од својот нов живот во Невермор, сфаќа дека се случува нешто посериозно од нејзиното флагрантно непочитување на авторитетот, а тоа се наизменичните убиства кои се случуваат во шумата близу академијата.

По некој чуден сплет на настани Среда дознава дека можеби таа е единствената во академијата која може да помогне во решавањето на мистериозните смртни случаи, па започнува да се спријателува со својата цимерка Инид и другите соученици, со чија помош ќе проба да ја разоткрие мистеријата за тоа кој стои позади грозоморните убиства.





Сметам дека Џена Ортега е полн погодок за оваа улога, вистинско освежување која со својата глума ги придобива дури и најтврдокорните обожаватели на Адамсови и им дава причина да се вклучат во нејзините авантури и да видат што следно ќе и се случи за време на нејзиниот престој во Невермор Академијата.

"Wednesday" нуди сосема нов свет за истражување со чудни нови ликови што нема да можете да ги разберете веднаш. Тој елемент на непознатост ја издигнува серијата во нешто поперспективно и веќе се шушка за можно снимање на втора сезона од серијалот.

Дефинитивно Ортега помогна доста во тоа серија од самиот почеток да биде тотално видлив и возбудлив пресврт на позната Адамсова франшиза.

Па, доколку сеуште се размислувате, тука сум за да ви кажам дека ова е серија на Нетфликс платформата која дефинитивно треба да ја стримувате.

Актерската екипа е одлична и верувајте ми ќе уживате во оваа тин-мистерија со посебен пресврт.



За сам крај, тука ви го оставам траилерот за серијалот "Среда":






0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top