The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Мистериозно убиство 2 - повеќе акција, помалку хумор?

Во првиот филм кој се појави на Нетфликс стриминг платформата во 2019 се запознаваме со комичниот пар, полицаецот од Њујорк Ник и неговата сопруга Одри, или попознати како Спицеви, кои решаваат мистериозно убиство (по јасен не можел да биде насловот на филмот!) во стилот на Агата Кристи додека се на долго очекуваниот меден месец. Филмот беше вистинско уживање за гледање, во голема мера благодарение на хемијата меѓу двајцата главни актери и долгогодишни пријатели - Адам Сендлер и Џенифер Анистон.





И покрај тоа што првиот дел беше мега успешен проект на Сендлер, сепак тој како да решил да го надмине својот прв филм не со повеќе хумор, туку со еден куп акциони сцени. Никој не очекува да ги види овие двајца актери да се борат со негативци во комбе што опасно брзо вози низ париските улици, а пак најмалку очекував да ги видам како едниот од нив буквално виси од Ајфеловата кула.



Секако, јасно ми стана дека хуморот ќе мора да трпи кога има волку многу акција скоцкана во 90 минути.



Мистериозно убиство 2 започнува со потсетник за тоа што сме гледале во првиот дел, а потоа ни дава мал апдејт за тоа што се им се случувало на Спицеви од кога се вратиле од нивниот меден месец.

Спицеви даваат отказ од своите работни места и решаваат да отворат своја приватна детективска агенција, која не им носи нешто многу пари. Не долго потоа, тие се поканети на свадбата на Махараџата, нивниот богат пријател од претходниот филм, и ќе отпатуваат на неговиот приватен тропски остров. 

Махараџата им ја претставува својата прекрасна француска свршеница, Клодет, која можеби ќе ви изгледа познато, бидејќи оваа актерка ја глуми сопругата на Антоан, бизнис партнерот на Габриел во добро познатата серија - Емили во Париз.

Меѓу другите гости се и нејзината најдобра пријателка, грофицата Секу, која претходно била свршена за Махараџата, помошнчката на грофицата Имани, сестрата на Махараџата, Саира, Ренди Франциско, пензиониран познат фудбалер кој се пушта на секоја жена што се движи и намибискиот полковник Уленга, кој освен што претходно изгубил рака и око, го изгубил и остатокот од раката уште од првиот филм.





Непотребно е да се каже дека скоро сите од нив завршуваат како осомничени кога Махараџата ќе биде киднапиран, со барање за откуп од 50 милиони долари. Тука на помош доаѓаат агенти на МИ6, со нивниот лидер по име Милер, кој како што Одри и Ник објаснуваат го напишал детективскиот водич што тие го проучувале при лансирање на нивната агенција.

На крајот, сите патишта водат до Париз. Таму Спицеви повторно се сретнуваат со инспекторот Делакроа, чија главна занимација му е да дува совршени прстени од чад додека пуши цигари, и чека Одри и Ник да му го решат случајот... повторно.





Па да не откривам повеќе спојлери, ќе ве оставам вие сами да дознаете што се ги чека Одри и Ник во Градот на Светлината.

За крај, сметам дека вториот дел од сега веќе франшизата Мистериозно убиство, ќе биде уште еден хит на Нетфликс. Само се надевам дека во следниот дел ќе се фокусираат помалку на продукциските вредности, а повеќе на самата приказна и хуморот.



Доколку сеуште не сте ги погледнале двата дела од Murder Mystery, топло ви препорачувам тоа да го направите овој викенд и да уживате во доза добар амерички хумор и солидна доза на акција.







0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top