The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Мет Гала 2023: Во чест на Карл

Мет Галата се одржа на првиот понеделник од месец мај. 

Честопати наречен „Оскари на модата“, настанот ги привлекува најголемите имиња од А-листата, кои се облекуваат според дадена тема, обично во креации нарачани од највлијателните светски модни куќи.





Оваа година Мет Галата претставуваше прослава на покојниот великан Карл Лагерфелд, а неговите пријатели и соработници му оддадоа почит на дизајнерот на многу начини.





Легендарниот дизајнер за жал почина во 2019 година, на 85-годишна возраст. Тој беше еден од најплодните и најславните модни дизајнери на сите времиња и беше на чело на некои од најголемите модни куќи во светот, вклучувајќи ги Фенди, Шанел и неговата истоимена етикета и беше во улога на креативен директор се до неговата смрт.

Додека некои теми на Мет Галата може да бидат незгодни за интерпретација и можат да се прикажат и суптилни и смели сфаќања на идејата, темата за овој настан беше кристално јасна, па така некои познати личности носеа винтиџ дизајни изработени од самиот дизајнер, додека пак други носеа креации кои беа инспирирани од неговата естетика, изработени од ривалски модни куќи кои дадоа свој осврт на некои од неговите најпознати дела.





Голем број гости избраа да му оддадат почит на дизајнерот навлегувајќи во архивите и носејќи една од неговите креации. Никол Кидман, Наоми Кембел, Дуа Липа и Жизел Бундхен беа меѓу оние кои носеа винтиџ Шанел.
Воглавно тоа беше црвен тепих исполнет со монохроматски изглед, каде доминираа црно-бели креации.



Драги мои, за вас ги одбрав моите 10 омилени изгледи од Мет Галата:



Ен Хатавеј во Версаче



Жими се вака кога ја гледам Ен веднаш си замислувам дека е повторно во улогата на Енди од Ѓаволот носи Прада! Оваа жена изгледаше толку моќно на црвениот тепих што ми го одзеде здивот. Не само што ја погодила тематиката на самиот настан, туку и успеа да ме шокира со фактот дека креацијата која ја носи е од модната куќа Версаче, а не од Шанел како што првично ми оддаде впечаток со тој познат твид материјал по кој е препознатлив тој бренд.



Никол Кидман во винтиџ Шанел



Мет Гала не е само за да изгледате добро, туку и за раскажување приказна со вашиот ансамбл, а Никол Кидман можеби ја имаше најдобрата приказна на вечерта. Актерката ја носеше модната тоалета на Шанел што првпат ја носеше во 2004 година кога глумеше во таа прекрасна реклама за Шанел бр. 5 парфемот во режија на Баз Лурман. Оваа нежна бејби розе креација на нејзината вита фигура изгледа како милион долари, права елеганција во движење.



Лили Колинс во Вера Ванг



Мојата Емили од Париз ме освои со оваа Вера Ванг креација. Актерката Лили Колинс носеше впечатлив фустан од дизајнерката кој е составен од бело елече и лелеаво црно здолниште, со натписот „Карл“ сошиен на самиот тул. Можеби навидум обичен изглед, но според мене целосно on point кога станува збор за темата на настанот.



Наоми Кембел во винтиџ Шанел



Мет Галата беше совршена ноќ за носење малку винтиџ Шанел, а Наоми Кембел му кимна со главата на Карл Лагерфелд со тоа што излезе во една од неговите сопствени креации. Таа избра розова сатенска тоалета со украсни детали од модната колекција пролет/лето 2010 на Шанел, која беше шик и елегантна. Секогаш паѓам на розова боја така што не е ни чудно што баш овој изглед се најде меѓу моите 10 омилени од галата.



Жизел Бундхен во винтиџ Шанел



Манекенката се појави на Мет Галата соло, тазе разведена и ја истакна својата витка фигура во фустан со бел свилен тул и долга наметка Шанел украсена со пердуви и камелии. Нејзиниот фустан и наметка се исто така винтиџ и се дел од колекцијата на Chanel Haute Couture пролет-лето 2007 година.



Дуа Липа во винтиџ Шанел



Дуа беше една од ко-домаќините на настанот па секако се погрижи сите погледи да бидат вперени во неа кога буквално издоминира како права принцеза на црвениот тепих во винтиџ Шанел. Фустанот кој го носеше првично беше дел од колекцијата есен/зима на Шанел во 1992 година, дизајнирана од покојниот Лагерфелд.



Роџер Федерер во Диор







Тениската ѕвезда и ко-домаќин - Роџер Федерер со детали го почести Карл Лагерфелд и темата на самата Мет Гала.

Федерер рече дека неговата интерпретација на темата е да се држи до класиката, со дополнително значење одвнатре. Поставата на неговата јакна Диор имаше скици од Ким Џонс, во чест на преферираниот креативен метод на Лагерфелд.

„Цртежите се во чест на тоа како Карл скицирал. Искрено, ова беше прекрасен процес. Но, тоа е веројатно најмногу што сум размислувал за облека“, рече тој на црвениот тепих.



Џаред Лето како мачката Шупет



Пресладок ми беше кога се појави како мачката на покојниот Карл Лагерфелд по име Шупет! Ја симна маската и на сите фотографи им кажа: C'est Moi, Choupette!

На актерот Џаред Лето секогаш може да се потпреме за да испорача некои од најлудите изгледи на Мет Галата, но тој навистина се надмина себеси оваа година. Имаме среќа што реши да ја отстрани својата маска додека позираше за фотографии или можеби никогаш немаше да дознаеме дека е тој.



Џена Ортега во Том Браун



Додека Ортега носеше светло розев фустан од Валентино на минатогодишната Мет Гала, овој пат таа беше изразито пострашна и поготски настроена.

Нејзиниот мрачен ансамбл одговараше на естетиката на Лагерфелд, но исто така ја одразуваше и главната улога на Ортега како Среда, од исклучително успешниот спин-оф на семејството Адамс на Нетфликс.



Ким Кардашијан во Скиапарели



После ланското фијаско каде што буквално беше уништен винтиџ фустанот кој беше носен од страна на Мерлин Монро, оваа година Ким конечно изгледаше како што и доликува на нејзиниот стил и фигура. Облечена целосно во склад со темата на настанот, во креација на која и биле потребни повеќе од 1.000 часа за да се создаде, бидејќи секој прамен бисери бил нанижан и завиткан на телото. Кардашијан го дополни изгледот со чокер, бисерни обетки, набраздени ракави кои се влеваат во долг тул и потпетици од слонова коска.



Тоа беа 10-те изгледи кои ми оставија најмногу впечаток на Мет Галата.

0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top