The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Барби конечно ги тргна розовите наочари!

Барби е еден од најинвентивните, беспрекорно изработени и изненадувачки мејнстрим филмови на денешницата.

Филмот е право сведоштво за тоа што се може да постигнеме дури и кога сме втурнати најдлабоко во утробата на капитализмот.

Фактот дека целиов овој проект е директно поврзан со една од најпрепознатливите и најпродаваните кукли за деца, игра клучна улога во враќањето на Мател (производителот на единствената Барби) на голема врата.





Барби филмот започнува со воведната нарација на прекрасната Хелен Мирен која со доза иронија не внесува во Барби светот и ни зборува за „моќта“ на Барбиката и како благодарение на неа "сите проблеми на феминизмот и еднаквите права се конечно решени“.

Таа ни ја претставува нашата главна хероина, нашата Барбика, т.е. „Стереотипната Барби“, која е секогаш ведра, насмеана, самоуверена, русокоса и што е најважно, личи на Марго Роби.

Вечно обожавана од нејзиниот Кен, чија работа е... буквално кажано: „плажа“. Не „спасувач“, туку „плажа“.

Сите пријатели на Барби имаат работни места со голема моќ: претседател на Барби Ленд, автор, физичар, доктор, адвокат итн.





Мислам дека почнувате да чувствувате на каде одам со муабетов, а тоа е дека Барби и нејзиниот Барби Ленд се просто перфектни, една прекрасна розова утопија, каде владее феминизмот на најјако и каде Барбиките го имаат првиот и последниот збор.

Секое утро, нашата стереотипна Барби се пика под тушот од кој не тече вода, го поставува својот појадок со вафла во облик на срце, декориран со шлаг и не го ни вкусува, лебди низ улиците, наместо да оди и го "управува" својот розев кабриолет, на кој не му треба никакво гориво за да може да ја врши својата функција.

Како што реков... Се е совршено.

Единственото нешто што може да ја наруши оваа совршеност е моментот кога на нашата хероина ќе и надојдат чудни мисли во главата и одеднаш ќе извика: "Дали некогаш сте се запрашале како е да се умре?".

И да скратам.

По сплет на околности Барби е принудена да го напушти својот совршен свет и да зачекори кон реалноста. Нашата реалност.

Во надеж да се справи со ненадејните напади на човечност, таа ќе отпатува за Калифорнија, каде што се среќава со целосно машкиот извршен одбор на Мател.

Мажи во одела кои се длабоко убедени во себе си дека се квалификувани да одредат што им се допаѓа и што им треба на малите девојчиња затоа што некогаш имале жена извршен директор (или две, можеби...).





Гервиг е брилијантна и преку хистерична фарса фокусирана околу Кен и неговите колеги Кен(ови), ја нагласува матријархалноста на Барби Ленд за да истражи како моќта ја обликува самоперцепцијата на една личност.

Рајан Гослинг дава целокупна комична изведба во филмот, со која не може, а да не го засакате.

Тој на моменти се понаша како детенце, на моменти како еден од ликовите во Зоуландер, а некогаш знае да биде и прав манијак.

Во текот на целиот филм Гослинг се бори со сам себе и што претставува неговото Кен на Барби. Кој е тој кога е само Кен?

Кон крајот на филмот се води еден многу битен разговор кој уредно ја сумира една од големите илузии на капитализмот, а тоа е дека креациите постојат независно од оние што ги создале.





Зошто филмовите и телевизиските емисии се претвораат во „содржина“ и зошто писателите и актерите завршуваат експлоатирани и понижени?

Барби, на свој итар, помалку глупав начин, успешно навлегува во суштината на денешното општество и не се плаши да ни ја наслика суровата реалност во која живееме.

Топло ви препорачувам доколку имате можност и време да го погледнете овој филм и пријатно да се изненадите од тоа што ќе го доживеете.



За крај, тука ви го оставам трејлерот за Барби филмот:






0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top