И по 17 години откако ликот првпат се појави на екранот, Миранда Пристли од „Ѓаволот носи Прада“ сè уште ми е на ум.
Денес, Миранда Пристли се користи во мемиња и написи како пример за лош шеф, а во филмот таа е строг главен уредник на измисленото списание Ранвеј (модна писта), чија улога ја толкува Мерил Стрип.
Миранда е тип на шеф кој бара од своите вработени највисоко ниво на професионализам додека се на работното место. Бара да и биде набавено најновото продолжение на „Хари Потер“ серијалот на книги за нејзините две деца, има тенденција да го окупира целото приватно време на нејзините вработени, и нема да се заблагодари за тоа, бидејќи како што најчесто милува да каже во филмот „Тоа е сè“.
Кога го гледав овој филм како тинејџерка секако дека навивав за младата Енди која е нејзината лична асистентка. Но, откако повторно го изгледав филмот како возрасен вработен човек, изненадена сум кога сфатив дека имам многу покомплексно мислење за Миранда.
„Зошто никој не е подготвен? е реченицата со која Миранда му се обраќа на својот неспособен персонал кога ќе направи погрешни чекори во работата.
Миранда за мене повеќе не е негативецот, таа е бизнис жена која конечно ја разбирам.
Секако Миранда не е баш идол за тоа како треба да се одвиваат односите шеф-вработен. Вашиот шеф не треба да очекува да бидете достапни во било кој час од денот, дури и ако сте негов личен асистент.
„Личноста чии повици секогаш ги прифаќаш, тоа е врската во која што си!“ вели Нејт, момчето на Енди, откако таа го прифаќа повикот на Миранда среде кавга. Со шеф кој го злоупотребува нејзино лично време, не е ни чудо што Енди доживува симптоми на исцрпеност кои се влошуваат со тоа што има пријатели и момче кои не го поддржуваат нејзиниот нов избор на кариера.
Миранда е многу посложена од „Ѓаволот“ со кој се споредува во филмот и романот на кој е заснован истиот. Таа доживува дискриминација по основ на нејзината возраст и пол и се бори да не биде заменета со помлад, поевтин кандидат. Дури и Енди се согласува велејќи дека "Таа е строга, но Миранда да беше маж, никој немаше да забележи ништо на неа освен колку е одлична во својата работа“. Кога жените во реалниот живот ги исполнуваат машките очекувања за стабилност, тие најчесто се соочуваат со дискриминација.
За да остане на врвот, Миранда ја планира и прелистува секоја страница на Ранвеј, постојано е во тек со модната индустријата и со насмевка ги испраќа своите ривали на далечни работни места. Дефинитивно е злобна и дефинитивно има ограничувачки стандард за тоа што е убавина, но не можете да ја негирате нејзината повеќедецениска борба да остане на врвот.
Приказната е раскажана од гледна точка на Енди, така што имаме ограничено разбирање за тоа какви се борби водела Миранда на ова нефер поле на игра што ја навело да прерасне во тоа што е сега. Кога бев помлада, ја гледав како негативец, но, како возрасна, негувам повеќе разбирање и сочувство за самоуверениот лидер кој сака да биде и да остане на чело и работи за да го задржи тоа.
Миранда сака моќ и сака да наградува, а Енди се преправа дека тоа не е за неа и мисли дека е подобра.
Има еден момент во филмот кога двете се во Париз на модна недела каде Миранда и открива на Енди дека нејзиниот брак се распаѓа додека непријателите кружат како мршојадци чекајќи го идеалниот момент за да нападнат. „Дали има нешто што можам да направам? прашува Енди, непријатно признавајќи ја ранливоста на нејзината шефица. „Твојата работа“, одлучно одговара Миранда. Една област во која Миранда секогаш доминира е работата на која Енди никогаш целосно не успеа да и се посвети. Наместо тоа, таа секогаш им се жалеше на колегите за Миранда и не успеа да ги оствари сопствените професионални амбиции.
Пред да патуваат за Париз, Миранда носи деловна одлука да ја унапреди Енди во сениор личен асистент, а Енди сака да го одбие ова унапредување само затоа што Емили, сениор асистентката на Миранда, повеќе сака да оди во Париз. Таа попушта само кога Миранда ќе и каже дека доколку ја одбие оваа понуда, тогаш во нејзините очи Енди ќе изгледа како несериозна кога станува збор за унапредување на нејзината кариера, што е фер!
Во Париз, Миранда нуди да и биде ментор на Енди, бидејќи се гледа самата себеси во неа и открива дека "Сите сакаат да бидат како нас“ и има цел да ја воведе Енди уште подлабоко во нејзиниот свет.
Откако Енди го фрла својот BlackBerry телефон во париската фонтана како синоним за одбивање на оваа понуда и давање отказ, Миранда сè уште ја почитува Енди доволно за да и даде позитивна препорака.
Интервјуто за новата работа на Енди е среќниот крај на филмот, но, тоа не треба да биде така.
Под водството на Миранда, вработените работат со предубедувања дека успехот зависи од тоа кого го познавате. Како пример ги посочувам Емили и Најџел кои мислат дека нивната близина до Миранда ќе им помогне во моменти кога ќе треба да бидат унапредени во работата.
„Кога ќе дојде вистинското време, таа ќе ми врати“, вели Најџел откако ја губи шансата за работата од соништата, а Емили ова го доловува со реченицата дека „Ако работиш една година за неа, можеш да се вработиш во било кое списание што го сакаш“.
Иако Енди го одбива животот на Миранда, таа сепак има корист од зборот на Миранда. По напуштањето на Ранвеј, Енди аплицира за работа во весник до кој Миранда испраќа позитивна препорака преку факс до главниот уредник на весникот во која вели дека од сите асистенти што ги имала, Енди е убедливо нејзиното најголемо разочарување, и ако не ја вработи, тогаш тој е идиот.
Последната сцена има за цел да прикаже дека Енди конечно добива работа што соодветствува со нејзините вредности, но исто така ни покажува дека се уште е поважно кого познавате, отколку тоа што го знаете.
За крај, доколку не сте имале можност да го погледнале овој филм топло ви препорачувам тоа да го сторите.
0 Comments