The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Серијал книги за младата детективка Агата Одли

 

Драги мои, денес сакам да споделам со вас две нови интересни книги кои ги прочитав годинава.

Доколку не знаевте до сега, јас сум еден огромен љубител на книги кои обработуваат тематика мистерии и детективство.

Омилена авторка ми е Агата Кристи и особено сум вљубена во секоја нејзина напишана книга поврзана со белгискиот детектив Херкул Поаро.

Кога веќе говорам за Агата Кристи… името на главниот лик во овие книги што ви ги претставувам денес е да, погодувате, Агата.





Ајде прво да ја запознаеме главната хероина, а потоа ќе ви раскажам поединечно за секоја од книгите.

Агата е едно чудно, тринаесетгодишно девојче со боб фризура, црвена беретка и њух за истражување, особина што ја наследила од нејзината мајка која починала прерано во нејзиното детство.

Агата живее со нејзиниот татко во Гејткиперс Лоџ во Хајд Парк. Таа е интелигентно девојче кое добило стипендија да учи во престижното училиште Сент Реџис, исполнето со синови и ќерки на разни богати луѓе.

Одлоу и е презимето кое и носи голем број прекари на Агата, вклучувајќи го и прекарот Одли, кое асоцира на фактот дека таа им делува на многумина како чудна.

Сепак, таа не дозволува ова да допре до нејзе. Таа формира сопствена детективска агенција, на големо разочарување на директорот на училиштето.





Агата израснува поприлично независно и како резултат на ова често знае да донесува пребрзо одлуки кога станува збор за нејзините потраги по одговори.

Има уште неколку битни ликови кои ги запознаваме во книгите, но главниот според мене е Лиам Лау, најдобриот пријател на Агата во Сент Реџис, кој е прав Хејстингс на нејзиниот Поаро.

Агата е дефинитивно некој кој е совршено подготвен да ја реши секоја мистерија која ќе и се испречи на патот.

Но, на кого може да му верува кога никој не е таков каков што се претставува…



„Агата Одли: Tајниот клуч“

Како што спомнав претходно, нашата хероина живее во Гејткиперс Лоџ во Хајд Парк. Сместена во нејзината спална соба на таванот, полна со романи на Агата Кристи, таа го поминува целиот свој живот опкружена со природа.





Кога водоснабдувањето во Лондон ќе се загади, Агата се наоѓа директно во средината на мистеријата што дури и највисоките англиски умови не можат да ја решат.

Таа штотуку го чекаше својот прв голем случај, а ништо не е поголемо од тоа да го спасиш Лондон од некои чудни случувања...



„Агата Одли: Убиство во музејот“

Ова е втора мистерија за 13-годишната Одлоу.

Агата треба да стане најмладиот член на еснафот на вратарите, но пред тоа, таа треба да реши една мистерија.





Се случува убиство во Британскиот музеј и иако полицијата истражува, Агата се сомнева дека тука лежи повеќе.

Заговор со неупотребена метро станица, огромен огномет и 5.000 тони златни прачки...

Навистина уживав додека ги читав овие книги и топло ви препорачувам да ги прочитате за време на претстојните Новогодишни и Божиќни празници.

Секоја од книгите ме чинеше по 350 денари, а истите можете да ги купите во било која книжарница на Литература или да ги нарачате преку нивната веб-страница на овој директен линк ---> www.literatura.mk и ќе ви стигнат до врата за 1-2 дена.



*објавата не е спонзорирана од литература.мк

0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top