The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Гордон Ремзи: „Научете да танцувате за време на бурата“

 

Гордон Ремзи, готвач познат на глобално ниво по своите кулинарски умешности и остар јазик, неодамна се појави како прв гостин на подкастот „Good Trouble With Nick Kyrgios“, каде скоро 30 минути говореше за неговото животно патување, филозофија за успех и како успеал да ја искористи својата контраверзна персона како алатка за постигнување на тој успех.





Во епизодата слушателите добиваат ретка прилика да навлезат во умот на кулинарскиот титан, што е непроценливо искуство за секој што сака да дознае и разбере што се се мота низ главата на еден од највлијателните фигури во кулинарската индустрија денес.



Од фудбалски терен до Мишелин ѕвезди

Патот на Ремзи до кулинарскиот свет е една прекрасна приказна за страст, издржливост и непопустлив стремеж за извонредност.

Тргнувајќи со желба да создаде кариера во фудбалот, Ремзи се соочува со животен предизвик каде доживува сериозна повреда на коленото која ќе биде главниот виновник што ќе го одведе на патот до кулинарските води.





Во подкастот Ремзи зборува за тоа како дисциплината и одлучноста кои ги негувал на фудбалскиот терен успеал да ги канализира во немилосрдна потрага по кулинарско совршенство. Меѓу другото тој фрла посебен акцент на раните денови од неговата кариера, предизвиците со кои се соочувал при искачување низ кулинарските рангови и како ги заработил своите три Мишелин ѕвезди.



Филозофијата на Ремзи за контроверзиите и критиките

Еден од најинтересните моменти на подкастот е ставот на Ремзи за справување со критиките и контроверзите. Познат по својот огнен темперамент, Ремзи често беше трн во око на медиумите низ годините. Таквиот моментум тој го зема и искористува за да створи од себе си посилна личност, способна да креира една деловна империја каква што тој поседува денес.





Гордон Ремзи е човек кој милува константно да ги поместува границите и не се плаши од тоа да остане цврсто на своите ставови и верувања, дури и ако тоа значи дека ќе треба да се соочи со негативни реакции од јавноста. Оваа издржливост, како што споделува, била клучна за неговиот успех.



Човечката страна на кулинарска легенда

Покрај наградите и телевизиската слава, Ремзи ги открива своите ранливости и притисоците кои се секојдневие за јавна личност од таков калибар. Неговите размислувања за балансирање на семеен живот и кариера, справување со јавноста и останување доследен на својата страст за готвење оставаат длабок личен печат на неговиот наратив.





Ова е потсетник дека зад секоја успешна приказна се крие трнлив пат исполнет со многу препреки, носење тешки одлуки и упорност.



Споредбата со Ник Киргиос

Ник Киргиос, австралискиот рекет со грчко потекло, далеку познат по своите контроверзни моменти на тенискиот терен, но и надвор од него, се покажува како совршен домаќин за овој подкаст разговор.





Хемијата меѓу Киргиос и Ремзи е опиплива со тоа што и двајцата споделуваат свои искуства за справување со славата, критиките од јавноста и желбата да бидат најдобри во нивните области од интерес.



„Притисокот е здрав, не бегајте од него и научете да танцувате за време на бурата. Секој се плаши и си мисли - Ох Боже ова ќе биде хаос, премногу притисок, средина во која не се чувствувам удобно... НЕ. Научете да танцувате за време на бурата, затоа што таа на крајот поминува. Доволно сум возрасен и мудар, имам видено како многу од тие бури доаѓаат и си заминуваат.“






„ Притисокот е здрав, се дури можете истиот да го поднесете.“



Патешествието на Ремзи од фудбалските терени во Шкотска до самиот врв во кулинарскиот свет е мастер час (masterclass) за тоа како може да се надминат препреките и како не треба никогаш да се потиснува своето ЈАС, затоа што тоа е тоа што не издвојува од масата.

Оваа прва епизода од подкастот „Good Trouble With Nick Kyrgios“ ја препорачувам да ја ислушаат сите љубителите на Гордон Ремзи, кулинарски ентузијасти или едноставно секој еден од вас кој го инспирираат и мотивираат ваквите приказни за личен триумф и развој.


Овде ви оставам директен пристап до целосната подкаст епизода:





Уживајте!

0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top