Ве молам доколку се уште не сте ги погледнале првите 2 премиерни епизоди од новиот reboot на добро познатата серија „Сексот и градот“ да не читате понатаму бидејќи ќе следат спојлери.
Ви благодарам 😊
Саманта - жената која беше најгласен борец, не смееше и изјавуваше мудри мисли како што е: „Бракот не гарантира среќен крај, туку само еден крај“, ми недостасува премногу!
Таа ми беше и до ден денес ми е омилениот лик од серијалот, затоа што беше целосно, автентично, своја.
Заминувањето на актерката Ким Катрал од серијата беше како едно замрсено клопче.
Искрено, очекував воопшто да не го спомнат ликот на Саманта, но бев пријатно изненадена што сепак на некој начин, барем во серијата го објаснија нејзиното заминување.
Секако слушајќи ги изјавите кажани за Саманта ме натераа да се подзамислам дали нешто што ликовите на Кери, Миранда и Шарлот го кажуваат во првите 2 епизоди е дел од оној "Живот имитира уметност" момент.
Кери признава дека ја отпуштила Саманта како нејзин агент, откако пазарот на книги попуштил. Саманта лично го сфатила пропаѓањето на бизнисот, се одселила во Лондон и ги заледила комплетно односите со нејзините три пријателки.
Во еден момент Кери и вели на Миранда: „Мислев дека ме гледа како повеќе од АТМ банкомат“.
Сепак, кога сопругот на Кери, Џон Џејмс Престон (или како милуваат сите во серијата да го викаат Ѕверката) ќе почине, Саманта и испраќа на својата долгогодишна пријателка венец од цвеќиња кои ќе лежи поставен врз ковчегот на Џон за време на целата церемонија. Со венецот дојде и порака од Саманта до Кери со која на некој начин серијалот симболично ни кажува дека двете жени се уште се тука една за друга, посебно во моментите кога им е најтешко.
Без Саманта, серијата очајно се обидува да ја пополни огромната дупка со додавање на нови членови во актерската екипа.
Колку што можев јас да заклучам, причината за проширувањето на актерската екипа не е само поради заминувањето на Саманта, туку и поради фактот што оригиналната серија како што многу милуваа да кажат била "нереално бела", па така неколку жени во боја добија улога во продолжението.
Јас пак често сакам да ја користам оваа америчка фраза - „Немој да го поправаш она што не е скршено“.
Истата важи и во случајов. Не разбирам зошто креаторите на серии и филмови во последниве неколку години упорно ни наметнуваат или подобро кажано форсираат да голтаме разни нијанси на диверзитет и инклузивност?
Како да чувствуваат некоја постојана грижа на совест, па мораат да вклучат актерски екипи од секаков калибар во своите серии и филмови, без разлика дали ги бива или не, само за да пробаат да ја закрпат дупката од фактот што белата раса со децении наназад негувала ужасен третман кон останатите раси.
Секако, во ред е да има различности, на крајот на денот, тие и не прават посебни и уникатни, но сметам дека треба режисерите, односно креаторите на вакви серии и филмови да научат дека децениски погрешни постапки и третмани не можат да се надокнадат преку ноќ.
Се треба да се движи постепено, со време, да еволуира, да расте и да се менува.
Во завршниот дел, би сакала да се навратам на нешто што го начнав малку погоре, а тоа е смртта на Ѕверката.
Морам да признаам без никаков срам дека плачев. Плачев толку силно и одеднаш за најлошиот дечко на ТВ екраните.
Некако ми делува како серијата повеќе да се грижи и да обрнува внимание на губењето на естетиката на она што Кери и Ѕверката претставуваа како пар, отколку за губењето на еден од клучните ликови како што е Ѕверката, како човеково битие.
Кога Џон умира, Кери трча кон него под тушот, каде тој седи потпрен на ѕидот од туш кабината, држејќи ја едната рака на срцето, камерата зумира на сините Маноло Бланик стилето чевли на Кери кои пополека се дават и уништуваат во водата. Тоа беа оние истите стилето чевли кои Кери ги носеше за време на нивната венчавка во првиот филм.
Ова беше една од глупавите метафори кои го симболизираа крајот на еден токсичниот брак. Но, сепак, не останав имуна и заплакав силно за крајот на една љубовна ера.
Со ова во овој нов reboot се овозможува Кери да не чувствува потреба дека треба да ја игра улогата на некоја: „среќни до крајот на животот фантазија“ - како во "Сексот и градот 2", туку може да биде едноставно - Кери.
Проблематична, непромислена и плитка Кери...
0 Comments