The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

The Idea of You: „Луѓето мразат среќни жени“...

Е реченицата што ме натера да се подзамислам само што ја чув како беше изустена од една од споредните улоги во ново-излезениот Амазон Прајм филм - „The Idea of You“.

Крајно уморна, спружена на двосед, скролав по мојот смартфон во потрага по некој добар филм. Инстаграм алгоритмот точно знае што прави и успешно ми ја сервираше на тацна оваа нова романтична комедија.

Па, драги мои, спремете се за спојлери како што читате понатаму 😊



„The Idea of You“ или во превод на нашки: „Претставата (сликата или мислењето) за тебе“, е филм во кој главните улоги им припаѓаат на оскаровката Ен Хатавеј и актерот кој се прослави со неговата улога во серијата „Мери и Џорџ“ - Николас Галицин.

Таа глуми 40-годишна разведена мајка, сопственик на уметничка галерија, а тој е 24-годишен сингл поп пејач кој е дел од музички бој бенд - August Moon, бенд кој е ултра популарен меѓу младата популација.

По сплет на околности Солен (Ен Хатавеј) наместо да оди на соло кампување, принудена е да го замени својот поранешен сопруг на кој во заден момент му излегува работна обврска и не може да ја однесе својата ќерка и нејзиното друштво на добро познатиот музички фестивал Coachella како што ветил, па Солен се согласува таа да ја преземе оваа обврска и да ја дружи својата ќерка и нејзиното друштво на фестивалот.

Таму случајно налетува на Хејс (Николас Галицин) пред да има настап со својот бенд на фестивалот и од старт се чувствува хемијата меѓу нив и знаеш дека филмов после тој момент ќе те грабне и добро ќе те вози до самиот крај.



Long story short, очигледно е дека двајцата се вљубуваат еден во друг и започнуваат летна романса и многу јасно дека филмот има хепи енд.



Морам да му оддадам признание на овој филм бидејќи одлично се справува со приказот на јазот во возраста меѓу овие два лика и на многу вкусен начин ни претставува една слика за пар каде жената е сениорот во врската и тоа е сосема ОК.

Постојат многу парови во светот кои се во слична ситуација или пак жени во нивните рани или доцни 40-ти, прашувајќи се: „Што потоа?“. Што после стапувањето во брак и основањето на фамилија? Што после разводот?

„The Idea of You“ ни покажува дека жените во нивните позрели години се уште можат и сакаат да се забавуваат, да искусат нови нешта и да се заљубат во кого сакаат и за тоа не треба никому да му се правдаат.



„Што ќе речат луѓето?“ - е главното прашање кое неколку пати се провлекува низ целата приказна и кое често пати Солен си го поставува себе си.

Живееме во 21-ви век, а никогаш повеќе не сме се замарале волку за тоа што околината ќе каже за нас. Благодарение на социјалните мрежи, животот на секој од нас е ставен цело време под лупа каде секојдневно бесплатно им сервираме материјал на озборувачите.

Предизвикот е да успееш да се избориш со притисокот кој ти го наметнува околината и нивните мислења и да си тераш онака како што тебе ти е ќеиф.

Ликот на Солен неколку пати пробува да се справи со константниот притисок, озборувања, чудните погледи од луѓето, социјалните мрежи, папараците и таблоидите, но за жал безуспешно. Луѓето не сакаат да гледаат среќни луѓе, посебно кога самите тие се длабоко во себе несреќни и незадоволни со своите животи.



Врските каде разликата во возраста е поголема, особено оние каде жената е постара, се нешто што се уште се бориме да го разбереме како општество. И покрај нагорниот тренд на познати жени кои излегуваат со помлади мажи, тие се уште се фетишизирани како нешто што е надвор од нормата.

Наместо да гледаме двајца заљубени луѓе, ние претпоставуваме дека мора да има нешто што не е баш во ред со еден од нив или пак со двајцата. Тоа е всушност поприлично депресивно и поразително.

Последиците од врска со помлад маж и се премногу јасни на Солен, која на крајот се чувствува изолирана и засрамена, додека Хејс успева да се извлече неповреден, целосно спасувајќи си ја својата репутација.

Она што филмот добро го прикажува на својата публика е причината зошто овие два лика со 16-годишен јаз во возраста, „паѓаат еден на друг“. Едниот од нив бара стабилност по долгогодишното искористување од музичката индустрија, а другата страна копнее по безгрижните искуства што ги пропуштила како млада мајка во нејзините 20-ти години.

Вистината е следнава: се уште не можеме да се справиме со тоа да гледаме „постари“ жени (па дури и само 40-годишни) како сексуални суштества со свои желби, освен ако тоа не е во контекст на брак или долготрајна врска со човек од „соодветна“ возраст.

Кога жената не се вклопува во калапот на општеството таа е често етикетирана како трагична, во заблуда, очајна и тажна.

Се уште е многу полесно да се извлечат старите сексистички стереотипи отколку да се прифати дека жените со седа коса и багаж можеби вредат нешто.





Имате топла препорака да го погледнете овој филм 🌟 4.5/5 



0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top