The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

„Ова завршува со нас“: Филмот што ќе те натера да размислиш за сопствените избори

Кога седнав да го гледам “Ова завршува со нас„ признавам дека не знаев многу за приказната.

Ја немам прочитано книгата на Колин Хувер, па моите очекувања за филмов беа базирани врз база на трејлерите и муабетите што ги имав слушнато од мои блиски кои отидоа на премиерата на филмот и веќе ја имаа прочитано книгата.






Искрено, тоа што го искусив беше многу повеќе од само една обична филмска проекција. За мене овој филм претставуваше едно емоционално патување кое ме натера длабоко да размислувам за животот, изборите кои ги правам и колку храброст е потребна за да се стави крај на нешто што не те прави среќен и во крајна инстанца ти штети.

Филмот ја следи приказната на Лили Блум, жена која на прв поглед изгледа како да го има совршениот живот - поседува успешен бизнис, има најдобра другарка која и помага во водењето на нејзиниот бизнис и е во врска со харизматичен и успешен неврохирург по име Рајл Кинкејд. Но, како што приказната се развива, така започнува да се одмотува нејзината сложена и многу често болна реалност.

Според мене глумата на Блејк Лајвли е одлична. Иако не сум ја прочитала книгата, сметам дека успеа одлично да ни долови каков лик е Лили Блосам Блум - нејзините радости, сомнежи, и внатрешни борби.






Рајл, пак, е лик кој остава силен впечаток - комплексен, шармантен, но и полн со контрадикции. Гледајќи го Џастин Балдони во таа улога, моите чувства за него постојано се менуваа - од восхит до длабока загриженост и гнев.

Атлас Кориган (толкуван од Брандон Скленар), ликот кој го претставува минатото на Лили и е воедно почеток и крај на еден љубовен триаголник, во филмот е прикажан на толку суптилен начин што неговата појава носеше со себе чувство на надеж и разбирање.

Врската меѓу овие тројца ликови ја создава основата на една приказна која не може да ве остави рамнодушни.

Целата приказна беше толку реална што во еден момент се почувствував како некој што набљудува туѓ живот одблизу, како да сум некоја мува застаната на ѕидот, а не само еден обичен гледач на филм.

Џастин Балдони, кој воедно фигурира и како режисер на овој филм направил извонредна работа со визуелниот аспект на филмот. Начинот на кој беа доловени емоциите на Лили преку крупните кадри и внимателно одбраните сцени беше одличен. Секој момент беше испланиран за да не внесе подлабоко во нејзиниот свет, да ја почувствуваме нејзиниот болка, радост и предизвиците што ги носи љубовта. Од мрачните, тесни простори кои ги рефлектираа емоционалните состојби на ликовите, до светлите и отворени сцени кои носеа чувство на ослободување и нов почеток... Се, буквално се изгледаше кинематски вкусно.

“Ова завршува со нас„ е филм кој ми го привлече вниманието од самиот почеток, ме грабна и не ме ослободи се до самиот крај.

Ова не е уште една типична љубовна приказна како што ПР кампањата пред премиерата на овој филм не наведуваше сите ние да веруваме. Филмот е олицетворение на реалноста која многу луѓе ја живеат, но ретко ја споделуваат. Силата на филмот лежи во неговата искреност и способност да ги прикаже човечките слабости, но и силни страни.

Без да ја имам позадината од книгата, можам да кажам дека “Ова завршува со нас„ ми даде една комплетна приказна, полна со емоции и важни пораки.






На крајот, сфатив дека понекогаш, завршувањето на нешто што мислиме дека е „совршено“ е единствениот начин да се ослободиме и да започнеме ново поглавје во животот.

Ако барате филм кој ќе ве натера да размислувате за љубовта, за себе, и за храброста да донесувате тешки одлуки, тогаш “Ова завршува со нас„ е токму за вас. Овој филм е трогателен, реален, филм кој наѕира во животот на неколку ликови кои страдаат и носат со себе длабоки последици од домашно насилство и едноставно е неизбежен за секој што сака да ја види вистинската комплексност на човечките односи.

Доколку сеуште не сте го погледнале истиот, тука ви оставам директен линк до сите проекции кои ги има во 👉 Синеплекс каде може да одите и да го погледнете.





0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top