Не знам за вас, но ми се чини дека во денешно време да најдеш љубов е како да бараш игла во сено - само што сеното е огромна планина од „извини, не барам ништо сериозно“ и „ми се свиѓаш, но не сум спремен за врска.“
Сериозно, каде се скриле сите оние кои сакаат да сакаат?
Да се разбереме, љубовта не е изумрена, ама секако е во дефицит.
Денешниве „игри“ за запознавање се комплицирани: имаш Тиндер, Бамбл, 5375 пораки на Инстаграм од непознати ликови и се разбира, класиката - „Зошто не се јавуваш?“.
Што се случи со доброто, старо, запознавање на некој во реалниот свет?
Знаете, како во филмовите од 90-тите, кога случајно ќе се судрите на улица и ќе ви падне торба полна книги и – бум! Љубов!
Но, модерното време бара модерни решенија. Денес, за да најдеш љубов, треба да имаш CV за твојот љубовен живот. Сликите треба да се „исфилтрирани“, описот на профилот доволно интересен, а веднаш по запознавање следува серија на тестови – го знае ли хороскопот? Ќе се смее ли на моите лоши шеги? Знае ли дека Марвел и DC не се само за деца?
И сето тоа е прекрасно, но да бидеме реални, сите бараме нешто повеќе од „супер текстови“ и „лајкови.“ Бараме некој што ќе го разбере тој хаос во нашите глави и ќе го сака, без да се плаши од тоа.
Но, чекај, тука е и стравот - дали сум доволно добар/а? Дали заслужувам некој што ќе ме сака онаков/а каков/а што сум?
Кој е мојот одговор? Апсолутно, да!
Заслужуваме љубов, ама не било каква. Љубов што не се плаши од недостатоци, од хаос, од сите чудни навики кои ги носиме со нас. Љубов што те прави да се смееш дури и кога светот се руши околу тебе.
Зошто? Затоа што животот е краток, и да се биде сакан безусловно е најдобриот подарок што можеме да го добиеме.
Па, зошто е тешко да се најде љубов денес? Можеби затоа што се обидуваме да најдеме нешто совршено во свет кој не е совршен. Можеби затоа што љубовта не доаѓа на повик, туку доаѓа кога ќе престанеме да ја бараме под секој камен.
На крајот на краиштата, љубовта во модерното време не е невозможна - само е малку покомплицирана. Но, кога ќе дојде, ќе биде она што сме го чекале цело време.
А до тогаш, уживајте во патувањето, насмејте се на сите чудни моменти и не заборавајте - љубовта доаѓа кога најмалку очекувате. 😊
Лори 💫
0 Comments