The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Дизни митот: Трчај по принцот, или едноставно дремни си како Аурора?

Ајде да зборуваме за Дизни. Да, магичната земја на принцези, животни кои уста не затвараат од зборење и самовили кои ти ги решаваат сите проблеми со еден замав од волшебното стапче (јас сè уште чекам на мојата, фала многу).

Но, покрај овие прекраснотии и совршено искореографирани танцови движења, Дизни потајно не научи на една лекција: ако сакаш маж, треба „добро да трчаш по него“ - освен ако си Аурора, е тогаш во тој случај, едноставно раскомоти се, дремни си и почекај.






Размислете. Снежана, Пепелашка, Ариел... сите овие принцези работеа прекувремено за да си го најдат принцот и да си го добијат она „среќно до крајот на животот“.

Снежана: Јаболка и што се не

Нашата драга Снежана избега од маќеата што сакаше да ја убие, работеше домаќински задачи за „седум возрасни мажи“ и буквално умре (на кратко) пред да го добие оној фамозен бакнеж. Буквално, девојката изоде по трње за да стигне до целта. Само кога ќе помислам, ми доаѓа желба да си прилегнам.






Ариел: Комплетен ребрендинг

Потоа ја имаме Ариел, која го жртвуваше својот ангелски глас (и, да не заборавиме дека го смени својот целосен идентитет како сирена) само за да има шанса со Ерик. Таа не само што трчаше, девојката се уби од пливање низ океани, правеше сомнителни зделки со морски вештерки и буквално го збриша нејзиното семејство. Сестро, ако мораш да се ребрендираш за да привлечеш некого, тогаш можеби не е вреден за тебе.






Пепелашка: Полноќниот спринтер

И задна, но и најбитна ми е драга Пепелашка. Таа не само што трчаше по принцот, туку спринташе од балот на полноќ, изгуби чевел и пак го освои дотичниот принц. И сето тоа додека чистеше подови и трпеше две полусестри што требаше да се осудат за сите трауми кои и ги предизвикаа во животот.






И тука е...


Аурора: Убавицата која си дремна

Што направи таа? Ништо. Нада. Апсолутно ништо. Спиеше како да нема утре, се разбуди и - бам! - принцот Филип беше тука со бакнеж и ветување за вечна љубов. Девојката буквално спиеше, а љубовта сама си дојде.




 

Не знам за вас, ама ако треба да следам план од некоја Дизни принцеза, од сега па натака дефинитивно ќе бидам како Аурора. Таа го усоврши концептот „пушти го тој да дојде кај тебе“.


Поентата на муабетов

Не велам дека сите треба да влеземе во хибернација додека не се појави некој со бакнеж. Но, можеби Дизни со Аурора нè научи дека понекогаш, најдобриот потег е да престанеме да трчаме по луѓето. Животот не е за трчање по некој што можеби се изгубил во шумата. Понекогаш, треба само да се релаксираш, да си го живееш животот и вистинскиот човек ќе се појави во вистинско време.

Зашто, да бидеме искрени, сите имаме потрошено малку премногу време трчајќи по некој кој, во стил на принцот, најверојатно си е заглавен некаде.

Епа, да бидеме малку повеќе како Аурора. Малку дремни си, фокусирај се на своите соништа, и нека останатото само се среди.

А ако принцот дојде додека си зафатена со својот живот? Па, тоа е само бонус. 😉

На крајот на краиштата, ако една Дизни принцеза може да го добие својот среќен крај додека спие, можеби сите ние можеме малку да забавиме.



Искрено ваша,

Лори 💫

0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top