The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Victoria’s Secret се враќа: Гламур, инклузивност и еволуција?

По шестгодишна пауза, Victoria’s Secret модната ревија се врати синоќа во Бруклин, Њујорк, со свеж и модерен пресврт. Гигантот за долна облека, кој некогаш доминираше на модната сцена со своите блескави модни писти и неверојатните ангели, сега одново ја пишува својата приказна, прифаќајќи ја различноста, инклузивноста и славејќи ја женственоста од сите аспекти.






Нов поглед на женската моќ

Victoria’s Secret модната ревија за 2024 година не беше само враќање на гламурот, туку и чекор напред за брендот, ставајќи ги жените во центарот на својата еволуција. Продукцијата прикажа целосно женски музички состав, вклучувајќи моќна воведна изведба од Лиса од популарната K-pop група Blackpink. Заедно со музиката, моделите прикажаа разновиден спектар на покомплексна и, во многу случаи, поудобна долна облека - вклучувајќи хеланки и проѕирни наметки кои повеќе соодветствуваат на модерната жена.






Нова ера на инклузивност

Присуството на мултирасен, мултигенерациски и all-size разновиден состав беше поистакнато од кога било. Од природните фризури до инклузијата на плус-сајз и постари модели, пистата беше освежувачка промена од претходните стандарди за убавина кои беа поставени од брендот. Моделите Џиџи Хадид и Адриана Лима се приклучија на супермоделот Кејт Мос, која на своја 50-годишна возраст буквално издоминира на модната писта, заедно со нејзината ќерка Лајла, додавајќи посебен емотивен момент на пистата.











Ешли Греам, мојот омилен plus-size модел и силен поддржувач на ставот body positivity, исто така го имаше своето деби во црн тантелен корсет, докажувајќи дека Victoria’s Secret е подготвена да ги прифати жените од сите облици и животни етапи. Возбудата на Греам за претставувањето на брендот беше очигледна, бидејќи и самата денес истакна на нејзинот инстаграм дека и покрај тоа што првенствено се двоумела дали да ја прифати поканата да биде дел од VSFS24, сепак увидела дека брендот има направено многу промени во изминативе години за да си го подобри својот имиџ и дека нејзиното учество ѝ дозволило да се чувствува секси и моќно кога стапнала на пистата.

Ѕвездени настапи и незаборавни моменти

Еден од неоспорните моменти на вечерта беше настапот на Шер, која ги освои срцата со изведбите на „Believe“ и „Strong Enough“. Нејзиното присуство на пистата, заедно со музичката моќ на целосно женскиот состав, даде една прејака енергија на самиот настан. Моделите можеби беа облечени во предобра долна облека додека се рашетуваа по пистата, но како што рече еден моден новинар, „моделите можеа и голи да бидат, и никој немаше да забележи“ поради доминацијата на Шер на сцената. Освен live изведувањата на Шер, Тајла и Лиса, тоа што уште повеќе ми го привлече вниманието беше фактот што остатокот од музиката на која одеа моделите по пистата беше строго изведена од жени, дури и познатата песна на Лени Кравиц - „Are you gonna go my way?“, што баш ме воодушеви и си помислив: хаахх буквално целото шоу е поврзано со прославување на женската моќ, храброст и убавина во секој облик.






Work in progress: Преродбата на Victoria’s Secret

Victoria’s Secret беше на силна мета на критики во текот на годините за својот ограничен приказ на убавина и женственост. Неспремноста на брендот да ги прифати различните телесни форми и застарениот маркетинг пристап доведоа до пад на гледаноста и продажбата кон крајот на 2010-тите години. Во 2018 година, гледаноста на годишната ревија драстично опадна, а брендот се најде во тешка позиција за да се прилагоди на еволуирачкиот пејзаж на модата и инклузивноста.






Од тогаш, нови конкуренти како Savage X Fenty на Ријана добија значителен пазарен удел со промовирање на пораката за инклузивност и понудата на дизајни што привлекуваат поширока публика. Victoria’s Secret работи на промената на својот имиџ, а модната ревија за 2024 година беше клучен момент во тој процес.

Извршните директори на брендот, вклучувајќи ја и креативната директорка Џејни Шафер, признаа дека ревијата беше реакција на негативните наслови во последниве години. Сепак, таа беше и можност да се слават основните вредности на Victoria’s Secret, додека еволуира со времето. Како што истакна Шафер, враќањето на ревијата беше одговор на барањата на клиентите, но исто така призна дека брендот треба да го балансира својот гламур со современата инклузивност.

Иднината на Victoria’s Secret: Ќе се возвиши ли повторно?

Иднината на брендот останува неизвесна, додека тој продолжува да се движи во пазарот што повеќе не се заснова на еднострано сфаќање на убавината. Социјалните мрежи и променетите очекувања на потрошувачите значително го сменија модниот пејзаж. Додека модната ревија за 2024 година погоди многу вистински ноти, Victoria’s Secret се соочува со предизвикот да ја одржи својата релевантност на се повеќе фрагментираниот пазар.







Модната ревија на Victoria’s Secret за 2024 година беше ноќ на носталгија и иновации, спојувајќи ги иконските елементи на брендот со визија за иднината. Дали оваа преродба ќе доведе до целосно враќање на гигантот во светот на долната облека останува да се види. Едно е сигурно, а тоа е дека синоќешната ревија беше ветувачки чекор напред, сигнализирајќи дека Victoria’s Secret е подготвена да еволуира и да работи на својата иднина.

Доколку пропуштивте да ја погледнете вчерашната VS модна ревија, тука ви оставам линк до live stream-от кој одеше на нивниот официјален Јутуб канал:






Искрено ваша,

Лори 💫

0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top