Ајде да помуабетиме малку, може?
Јас и ти поминавме низ многу заедно: бескрајни скролања, филтри, бумеранзи и сите тие мали моменти што ги зачувуваш во твојот 24-часовен меур наречен „Стори“. Ама време е да си кажеме некои работи, затоа што искрено, ми треба промена.
Те сакам, Инстаграм, ама не ми треба секое стори да ми седи на профил како некој непосакан гостин што никогаш не поседувал чувство кога треба да си замине дома.
Работава е ваква. Животот тече брзо, и понекогаш само сакам и моите инстаграм сториња да се движат брзо!
Не мора секој момент што го објавувам да има драматични 24 часа слава. Некогаш, тоа е само краток бумеранг од кафе или рефрен од песна што моментално ми се вклопува во расположението „сега“ - не за два часа подоцна, а дефинитивно не утре наутро, кога моментот веќе го изгубил својот „шмек“.
Замисли ако ми дадеш избор: кратко, лесно, 3-часовно стори за тие „сега-за-сега“ моменти или солидни 12 часа за спомени што сакам да стојат денес (ама не баш засекогаш).
Дај ни и ние да имаме „flight options“ кога станува збор за сториња. Некои од нас се за кратки дестинации, а некои за долг лет. Опции, драг Инстаграм!
И да, знам дека сега сигурно размислуваш, „Па, секогаш можеш да го избришеш!“ Вистина е.
Ама, бришењето на стори изгледа толку...финално. Како да велиш, „Ох, не, никогаш не сакав да го видите тоа!“ А тоа не е воопшто во мој стил.
Некогаш, сакам само да го „живеам моментот“ без да се обврзувам дека тоа ќе трае цел ден (или дека цел ден ќе размислувам „Кој ми го видел сторито?“).
Затоа, еве ја мојата понуда, Инстаграм: Дај ни го подарокот на избор. Дозволи ни да си избереме време за сторињата.
Брзи 3 часа за миговни моменти и променливи расположенија, 12 часа за оние сториња од кафана и дискотека на кои скоро сите од нас не сакаме воопшто ни да се навраќаме следниот ден и доколку е можно дури да се разбудиме и освестиме од мамурлакот да ги снема магично ко да не ни биле, или класични 24 часа стори за тие моменти што тешко ги пуштаме.
Што велиш? Ти си секогаш трендсетерот на социјалните мрежи, секогаш слушаш што сакаат луѓето. А верувај ми, ние ова го сакаме.
Да ги направиме сторињата свежи, флексибилни и со вистинската доза на минливост.
Твоја, ама не за цел ден,
Лори 😉
0 Comments