Микро-менаџирање: Зошто довербата е клучот за успехот?

Микро-менаџирање. Дури и самиот збор звучи малку тежок, нели?

Тоа е стил на менаџирање што се раѓа со најдобра намера, но често, обидот да се биде во тек со работите несвесно создава бариери наместо мостови.



Што ме инспирираше да пишувам на оваа тема денес?

Па, ова е тема што се почесто ја слушам како се провлекува низ моите секојдневни муабети со пријатели, но исто така, чиста случајност беше тоа што баш една стара книга за лидерство под назив: "The 21 Irrefutable Laws of Leadership" од John C. Maxwell, што неодамна ја прочитав ја обработува токму оваа деликатна тема, па така дојдов на мисла да склопам една малку поразлична и несекојдневна блог објава за мене.

Книгата што ја прочитав ме натера да размислам колку голема разлика прави стилот на лидерство, не само за резултатите, туку и за тоа како се чувствуваме на работа.

Од моето работно искуство научив дека најдобрите резултати се постигнуваат кога на луѓето им е дадена доверба да размислуваат независно, да ги решаваат сами проблемите и да изнаоѓаат креативни решенија. Кога фокусот се префрла од „Како можам да ти помогнам да напредуваш?“ кон „Можам ли да ја проверам секоја ситница пред да продолжиш понатаму?“, играта се менува, но не во позитивна насока.

Од она што јас успеав да го дедуцирам, еве каде мислам дека микро-менаџирањето често ја промашува целта: не се работи за лошо лидерство или лоши намери. Повеќето од времето, микро-менаџментот произлегува од желбата работите да бидат совршени. Но, во потрагата по совршенството, се губи онаа искра за иновација. Одеднаш, наместо да размислуваме крупно, несвесно се заглавуваме во најситните детали. Иако вниманието на детали има своја вредност, прекумерното внимание може да не закочи.



Реалноста е дека микро-менаџирањето не само што го успорува напредокот, туку и ја намалува довербата. Ова испраќа ненамерна порака од типот: „Не сум сигурен дека можеш сам/а да го направиш ова.“ А тоа е тешко да се слушне, посебно кога како вработен ја вложуваш целата своја енергија во работата.

Но, добрата вест е дека ова не е нерешлив проблем.

Најдобрите лидери, оние на кои сите им се восхитуваме, се оние што знаат кога да се повлечат и да му дозволат на тимот да заблеска. Тие даваат јасни насоки и се тука како поддршка кога е потребно, но исто така знаат кога да пуштат и да му веруваат на процесот и на своите вработени.

Ако сте лидер што го чита ова, толкувајте ја оваа блог објава како еден вид мал поттик, а не како навреда.

Одвојте момент за да се запрашате: „Дали го водите вашиот тим или ги држите уздите малку прецврсто?“.

Понекогаш, мала промена во пристапот може да направи огромна разлика. А ако сте некој што работи под микро-менаџер, знајте дека не сте сами. Отворените разговори можат многу да помогнат во создавање на меѓусебно разбирање.

Микро-менаџирањето не треба да ви асоцира на неуспех, туку на можност да се научи како да се постигне баланс. А кога ќе го пронајдеме тој баланс, работното место станува простор каде што креативноста, самодовербата и соработката ќе добијат можност да процветаат.

На крајот на денот, сите сакаме исто, да бидеме дел од тим кој инспирира, поддржува и ни дозволува да напредуваме.

Микро-менаџирањето можеби изгледа како лесно решение за се да биде совршено, но вистината е дека вистинската сила лежи во довербата.

Кога дозволуваме луѓето да ја преземат одговорноста и да го покажат својот потенцијал, добиваме не само подобри резултати, туку и посреќни, помотивирани тимови. А кој не би посакал тоа?

Затоа, следниот пат кога ќе се соочиме со искушението да ги држиме уздите премногу цврсто, да се потсетиме дека успешните тимови се градат на доверба и слобода. На крајот на краиштата, тоа е рецепт за вистински успех.

Што мислите вие? Имате ли искуство со микро-менаџирање? Би сакала да ги слушнам вашите приказни!


Искрено ваша,

Лори  💫

0 comments