Кога ќе скролате на Инстаграм, се изгледа совршено, нели? Беспрекорна кожа, патувања од соништата, совршено украсени празнични домови и парови кои изгледаат како да излегле од некоја си романтична комедија.
Лесно е да се “фатиш” на јадицата. И мене ми се случило. Но, денес, сакам да ги отстранам филтрите (буквално и метафорички) и да зборувам за нешто вистинско — разликата помеѓу Инстаграм и реалноста.
Секој од нас има направено по 15 селфи фотографии само за да ја објави онаа една која изгледа како да се разбудил роден со филтер. Но, што не гледате? 14-те избришани фотографии поради лош агол, чудно осветлување или „кај ми беше умот“ додека ја сликав сликава.
За време на моето неодамнешно патување во Салцбург, Австрија, објавив прекрасна фотографија од еден божиќен пазар. Изгледаше магично, светилките блескаа, варениот пунч во рака, а во позадина се доловува веселата атмосфера. Но, што не видовте? Моите замрзнати прсти, 30-минутното чекање за да го добијам варениот пунч и благиот стрес кој се јави додека пробував да ја „фатам вистинската фотографија“ пред толпата да ме турне настрана. Која беше реалноста? Прстите ми беа вкочанети, трпението истрошено, а толпата — се само не мирна.
Но фотографијата? Апсолутно прекрасна.
Вистината е дека животот не е совршен инстаграм фид. Тој е неуреден, непредвидлив и понекогаш прилично здодевен. Но Инстаграм не залажува да мислиме дека животот на сите други е како некоја филмска монтажа. Како што напоменав и погоре, и јас сум паднала на оваа фора. Имало моменти кога сум се чувствувала како да заостанувам затоа што мојот живот не изгледа како туѓиот. Ќе видам некој што објавува „работа-од-дома“ фотографија со запалени свеќи, лаптоп уредно поставен на бела прекривка и кафе, штотуку сварено што испушта пареа. А јас? Работам од кујнската маса, во чорапи што не се совпаѓаат, со трошки од појадокот уште на чинијата.
Толку е лесно да се заборави дека Инстаграм ги покажува само најдобрите моменти, а не целата приказна. Никој не објавува за стресните рокови, ноќите поминати во анксиозност и неспиење или деновите кога едноставно не ми се прави ништо.
Еве ја реалноста: Животот не е секогаш естетски. Понекогаш, сум среќна ако само го поминам денот без да се чувствувам преоптоварено. Не мора се да биде „момент“ што ќе се објави на социјалните мрежи. Порано мислев дека ако не објавам нешто, тоа е како да не се случило. Но, искрено, некои од најдобрите моменти во мојот живот немаат никакви фотографии за да докажат дека се случиле.
Се сеќавате на онаа позната изрека, „Don’t compare your behind-the-scenes to someone else’s highlight reel“? Клише, но вистинито. Социјалните мрежи ви го покажуваат финалниот производ, но животот е полн со блупери. И тоа е во ред. ОК е да имате денови кога вашиот „контент“ е само вие, ќебе и шолја кафе. Без фенси описи. Без естетски позадини. Само вистински, нефилтриран живот.
Зошто ова го споделувам?
Овој БлогМас серијал ми овозможува да се искажам и прикажам таква каква што сум — не само полирана, “средена” верзија, туку човечка, автентична верзија од себе. И знам дека не сум сама во ова. Сите ние скроламе низ тие совршени фидови и го чувствуваме оној мал убод од помислата: "зошто мојот живот не изгледа вака?". Но, ве уверувам, зад секоја беспрекорна фотографија има човек со несигурности, сомнежи и необјавени моменти што изгледаат далеку од совршени.
Затоа, ако се чувствувате како да заостанувате, ако вашиот дом не изгледа како филмска сцена за време на празниците или ако вашите празнични фотографии не излегоа „вредни за објава“ — не сте сами. Животот не е Инстаграм филтер и никогаш нема да биде.
Нека ова биде потсетник дека реалноста, со сите нејзини маани и несовршености - е доволна.
Ајде да ја прифатиме таква каква што е.
Се гледаме утре за БлогМас ден 10!
Искрено ваша,
Лори 🎄✨️
0 comments