БлогМас ден 8: 5 места што мора да ги посетите во Салцбург

Салцбург е еден од оние градови што изгледа како божиќна бајка, дури и без снег. Имав можност лично да го доживеам, и иако немаше снег, шармот и празничната магија беа неспорни.

Светилките, мирисот на варено вино и пунч, звуците на божиќните песни беа повеќе од доволни за да ме внесат во празничниот дух.

Ако планирате божиќно патување во Салцбург, ова се 5-те места што мора да ги посетите:


1. Божиќниот пазар во Салцбург (Christkindlmarkt)

Ако има едно место што го дефинира Божиќ во Салцбург, тоа е Божиќниот пазар во Салцбург. Лоциран на Residenzplatz и Domplatz, ова е еден од најубавите и најстарите божиќни пазари во Европа. Имав видено фотографии онлајн, но ништо не ме подготви за тоа колку беше прекрасно се во живо.



Пазарот е преполн со дрвени тезги што продаваат се – од рачно изработени украси до топли шалови и празнични сувенири. Воздухот беше исполнет со мирисот на печени костени и Glühwein (варено вино), што направи невозможно да не застанам за топол пијалак.

Мој совет: Отидете навечер кога светилките сјаат, а гужвите се помали. Земете варено вино или пунч и уживајте во празничната енергија.


2. Тврдината Хоензалцбург (Hohensalzburg Fortress)

Тврдината Хоензалцбург е едно од оние места каде што застанувате и си велите: „Вау.“ Сместена на врвот на ридот, таа нуди еден од најспектакуларните погледи на Салцбург. Иако немаше снег, погледот на познатите црвени покриви и реката што тече низ градот беше незаборавен.



Се качив со жичницата до тврдината, и штом стигнав горе, знаев дека вреди. Можев да го видам целиот град под мене, а во далечината се гледаа планините. 

Мој совет: Посетете ја за зајдисонце. Иако јас го немав тој временски луксуз, сепак мислам дека гледањето на зајдисонцето над градот, додека топлата златна светлина ги осветлува покривите, би било магично доживување додека сте на таа локација. Ќе посакате да направите безброј фотографии.


3. Дворецот и градините Мирабел (Mirabell Palace and Gardens)

Сакам моменти на тишина кога патувам, а градините Мирабел ми го понудија токму тоа. Иако немаше снег, градините сепак имаа мирна, бајковита магија. Живите огради беа совршено уредени, скулптурите гордо стоеја, а чистиот воздух оставаше чувство на свежина.



Прошетав низ патеките, го разгледав архитектонскиот стил на дворецот и познатите фонтани. Исто така, открив мал божиќен пазар во близина на плоштадот Мирабел – помал, но поинтимен простор за прошетка и топол пијалак.

Мој совет: Ако барате мирно место за фотографирање, ова е совршеното место. Симетричните градини се идеална позадина за убави фотографии и сето ова е бесплатно. Не треба да плаќате никаква влезница за да направите незаборавни фотографии на оваа позната локација каде се снимени неколку сцени од добро познатиот филм - " The Sound of Music ".


4. Опатијата Св. Петар и гробиштата

Морам да признаам – не очекував да бидам толку трогната од опатијата Св. Петар и гробиштата, но тоа беше едно од најнезаборавните места на моето патување. Ова место има безвременска енергија, со камени патеки, ѕидови обвиткани со бршлен и прекрасно сочувани и одржани гробови.



Овде е погребана и сестрата на Моцарт, Нанерл. Чувството дека шетате низ место со толку многу историја е уникатно.

Мој совет: Посетете го попладне кога е потивко. Тоа е одлично место за бегство од гужвите, но и ќе ви понуди мир. Не знам за вас, но јас додека чекорев низ гробиштата почувствував некаков чуден мир.


5. Божиќниот пазар Хелбрун (Hellbrunn Christmas Market)

Ако сакате божиќен пазар со малку повеќе Божиќен дух и атмосфера од вообичаено, тогаш пазарот во Хелбрун е местото што мора да го посетите. Првото нешто што ќе го забележите е огромниот адвентски календар на фасадата на дворецот. Секој прозорец претставува ден од декември, и целиот дворец свети навечер.



Пазарот е опкружен со дрва и има некаква уникатна атмосфера. Ми се чинеше поинтимно и помалку комерцијално од поголемите пазари во центарот на градот.

Мој совет: Дојдете доцна попладне за да го видите како светилките се палат. Земете си еден топол пунч од портокал во рака да ве топли и уживајте.


Знам дека повеќето луѓе го замислуваат Салцбург со снег за Божиќ, но верувајте ми – нема потреба од снег за магијата да биде реална. Светилките, звуците на божиќни песни и мирисот на варено вино го прават Салцбург да изгледа како бајка.

Секое од овие пет места ми понуди нешто посебно – од тивките градини на Мирабел до живописниот пазар во Хелбрун. Салцбург има начин да ве натера да се чувствувате како да сте во божиќна приказна.

Кое од овие места би сакале да го посетите прво? Споделете во коментарите и не заборавајте да останете со мене за БлогМас ден 9!

Искрено ваша, 

Лори 🎄✨

0 comments