Кога Убавина и Здравје го отворија јавниот повик за номинации, не размислував долго, знаев дека ова е можноста што ја чекав. Самото пријавување беше личен предизвик, бидејќи го вложив најдоброто од себе во секој збор на мојот блог и секоја фотографија што ја објавив на социјалните мрежи и сметав за себе си дека сум конечно спремна за, како што би го рекле Англичаните: "to put myself out there".
Кога добив порака од Убавина и Здравје профилот на инстаграм дека сум влегла во потесниот круг и сум дел од номинираните и дека треба да направам креативно видео и да го споделам на мојот профил за да преминам во финалната фаза на номинирани, беше потврда дека она што го правам има вредност и дека луѓето го препознаваат мојот труд.
Да бидам дел од една ваква приказна, во категорија спонзорирана од реномираниот skincare бренд CeraVe, беше навистина посебен момент за мене.
На 3 декември, зачекорив на гламурозниот Ragusa Rooftop 360 подготвена за магија. Настанот беше совршено организиран од страна на Убавина и Здравје, од декорациите до атмосферата, се блескаше. Но, за мене, најважно беше чувството на гордост што сум таму, меѓу толку многу талентирани и успешни личности.
Поминав вечер исполнета со насмевки, разговори, сликање, играње и пријатни моменти. Од коктелите на Швепс до настапот на Brass Brothers кои ги размрдаа сите присутни, буквално секој детал беше дел од еден гламурозен мозаик што ќе го паметам засекогаш.
Иако не ја освоив наградата, оваа номинација за мене беше повеќе од победа. Ми докажа дека нештата се остваруваат кога ќе се осмелиш да веруваш во себе. Овој настан беше потсетник дека секој чекор – колку и да изгледа мал – е важен дел од патот до успехот кој лично јас го посакувам.
Вечерта ме инспирираше да продолжам да создавам, да растам, постојано да се надградувам и да станувам секој ден се подобра и подобра.
Голема благодарност до сите што ме поддржувате и сте заедно со мене на ова мое чудно, но интересно патување. Ова искуство не би било исто без вас. Ви благодарам што сте дел од мојата приказна, што верувате во мене и што ми дозволувате да бидам дел од вашите животи преку содржините што ги создавам.
Исто така, уште еднаш сакам да напишам едно огромно БЛАГОДАРАМ до Убавина и Здравје за организацијата и до CeraVe за поддршката во мојата категорија.
Ова беше само еден чекор во едно поголемо патување, и јас сум подготвена за се она што допрва ќе следува.
До следниот ден од БлогМас!
Искрено ваша,
Лори 🎄
Лори 🎄
0 comments