Нема ништо поубаво од тоа да се завиткаш во топло ќебе, со чаша топло чоколадо (или бело вино, ако сте за такво расположение) и да си пуштиш еден добар божиќен филм. Ова е една од оние ситни традиции кои никогаш не стареат. Без разлика дали си расположен за романса, носталгија или малку празничен хаос, постојат божиќни филмови за сечие расположение.
Еве ја мојата листа на најдобрите божиќни филмови кои заслужуваат да бидат дел од вашиот празничен маратон оваа сезона. Секој од нив буди топли чувства, доза романса и сета онаа божиќна магија што ни е потребна на сите нас во месец декември.
1. The Holiday (2006)
„Конечно знам што сакам, а тоа не е нешто што можам да го имам.“ — Ајрис
Ако некогаш сте сонувале да си го замените животот со некого и да живеете во сликовита англиска колиба (со снег, секако), тогаш The Holiday е вистинскиот филм за вас. Две жени — една од Лос Анџелес (Камерон Дијаз) и една од англиската провинција (Кејт Винслет) — ги заменуваат своите домови ( прават house switch ) за да избегаат од своите љубовни маки, но откриваат љубов на неочекувани места. Филмот е полн со празничен дух, романтика и тој снежен, зимски амбиент што ве тера да посакате да резервирате викенд во некоја осамена планинска колиба. И Џуд Ло како шармантен самохран татко? Дефинитивно ДА!
2. Love Actually (2003)
„Ако погледнете внимателно, мислам дека ќе увидите дека љубовта всушност е насекаде околу нас.“ — Премиерот Дејвид
Овој филм е буквално кралот на божиќните филмови. Со огромната актерска екипа (Хју Грант, Ема Томпсон, Колин Фирт, Кира Најтли и многу други), Love Actually следи неколку испреплетени љубовни приказни пред Божиќ. Некои ќе ве насмеат, некои ќе ве расплачат (Ема Томпсон и нејзината сцена со ЦД-то на Џони Мичел – знаете за што зборувам). Филмот е совршен бленд на романса, хумор и онаа горчливо-слатка божиќна магија. И, ако по филмот не ви се пушта All I Want for Christmas Is You одново и одново, тогаш прашање е дали сте воопшто во празнично расположение.
3. Bridget Jones’s Diary (2001)
„Општо е познато дека кога еден дел од животот ќе почне да се подобрува, друг дел се распаѓа спектакуларно.“ — Бриџит Џонс
Е сега, можеби ќе речете дека ова не е божиќен филм, но... е! Целата приказна започнува со божиќна забава и најјакиот џемпер со ирвас на Колин Фирт. Крајот? Снежната сцена, Бриџит по нејзините ужасни, леопардски гаќички и романтичниот бакнеж. Bridget Jones’s Diary е како некоја верзија на Гордост и предрасуди, ама со доза хумор и хаос.
4. Holidate (2020)
„Празниците се многу подобри кога не ги поминуваш сам.“ — Слоун
Ако сакате модерен, малку безобразен и многу забавен филм, Holidate е вашиот избор. Приказната следи двајца странци кои договараат да бидат „празнични партнери“ – односно да си бидат еден на друг придружба за време на сите оние непријатни семејни настани. Но, се разбира, чувствата се вмешуваат и приказната се заплеткува. Ова е забавна, духовита и симпатична приказна за сите што знаат колку е тешко да се биде сингл за време на празниците.
5. The Grinch (2000)
„Можеби Божиќ не доаѓа од продавница. Можеби... Божиќ значи нешто повеќе!“ — Гринч
Ова е класика. Џим Кери е совршен во улогата на Гринч – мрази се и сите, но неговото срце расте три пати повеќе до самиот крај на филмот. Има многу сплетки, но и многу љубов. Плус, репликите се толку легендарни што сигурно ќе ги повторувате уште долго по завршување на филмот.
6. The Princess Switch (2018)
„Понекогаш најдобриот начин да се пронајдеш себе си е да се изгубиш во некој друг свет.“ — Маргарет Делакор
Ако сте расположени за лесен и празничен филм, The Princess Switch е совршен избор. Ванеса Хаџенс игра две улоги – една како обична девојка и една како принцеза. Дали е клише? Да. Дали ќе го гледате до крај? Апсолутно. Понекогаш само ви треба нешто лесно и симпатично, а овој филм го нуди токму тоа.
7. Home Alone (1990)
„Не плашете се. На крајот на краиштата, вие сте сами по дома.“ — Кевин Мекалистер
Ниту една божиќна листа не е комплетна без Home Alone. Малиот Кевин останува сам дома за Божиќ и ја брани својата куќа од двајца глупави крадци. Комично, топло и со носталгична атмосфера што ве враќа директно во детството. Овој филм е чиста класика.
8. New Year’s Eve (2011)
„Никогаш не е доцна да започнеш одново.“ — Клер Морган
Иако е филм чие дејство се одвива за време на предновогодишната ноќ, тој сепак ја доловува целата таа празнична магија и атмосфера. Во филмот, група на луѓе во Њујорк се соочуваат со предизвици, промени и нови почетоци пред дочекот на Новата година. Филмот е полн со големи ѕвезди како Сара Џесика Паркер, Зак Ефрон, Роберт Де Ниро и многу други. Секој лик има своја приказна што на крајот се поврзува во една заедничка. Ова е филм кој ќе ве потсети дека секој нов почеток носи надеж, како што носи и Новата година.
Кои од овие филмови се ваши омилени? Споделете во коментарите — секогаш барам нови предлози за празнични филмови.
Искрено ваша,
Лори 🎄
0 comments