30-те нешта кои ги сфатив...

Триесет. Звучи како број, но се чувствува како епилог на сите соништа што си ги сонила на брзина и пролог на оние што се уште се создаваат во тебе.

Триесет е кога престануваш да се извинуваш што си сонувач. Кога наоѓаш сила во зборот доволно. Доволно љубов, доволно обиди, доволно храброст да го пуштиш она што не цвета во твоите раце.

Животот не е само патека поплочена со победи, тој е полн со ќорсокаци, падови и моменти кога срцето ќе те убеди да тргнеш во погрешна насока само за да научиш како изгледа вистинскиот пат.




Ова се 30-те нешта кои ги сфатив за љубовта, животот и за тоа како да научиш да ги пуштиш конците и да продолжиш понатаму:

1. Не секое „Once Upon a Time“ завршува со „And they lived Happily Ever After“...

и тоа е сосема во ред. Понекогаш магијата е во почетокот, не во крајот.

2. Пушти ги луѓето што сакаат да си заминат

Слепото држење за некој или нешто што веќе си заминува нема логика—само го прави разделувањето потешко.

3. Во тишината има сила

Не секоја порака бара одговор. Не секое збогум заслужува зборови.

4. Вистинскиот „главен лик“ момент? Кога сама решаваш да си одиш.

Нема потреба од драма, туку тивко и грациозно заминување, кога знаеш дека заслужуваш многу повеќе.

5. Времето никогаш не е изгубено ако си се смеел

Оние петочни ноќи кога си танцувала премногу или си се изгубила во добар муабет? Вреди.




6. Вистинската љубов нема аудиција

Нема потреба да се докажуваш. Вистинската личност ќе те сака онаква каква што си—со сите твои чудни навики и променливи расположенија.

7. Пријателствата се менуваат—и тоа не мора да биде лошо

Некои пријателства траат сезона, некои цел живот. И двете се важни.

8. Поставување граници е секси

Кажувањето „не“ не е грубост—тоа е самопочитување.

9. Лесната елеганција доаѓа од самодовербата, не од гардеробата.

Не е до фустанот или чевлите—туку до енергијата што ја носиш со себе.

10. Добар муабет е храна за душата

Ништо не може да го замени трепетот од длабок, духовит и искрен разговор.

11. Луѓето знаат да изненадат, но верувај ѝ на својата интуиција.

Давај шанса, но слушај го тој внатрешен глас—ретко греши.

12. Споредбата е крадец на радоста (и времето)

Туѓите совршени фотографии никогаш не ја раскажуваат целата приказна.

13. Грижата за себеси не е луксуз—тоа е неопходност

Било да е топла бања, самостојно патување или ден без телефон—прави го тоа без вина.

14. Инстаграм не е вистинскиот живот, но е забавен дневник.

Документирај ги убавите моменти, но не дозволувај тоа да ти ја дефинира вредноста.

15. Дозволено е да сакаш повеќе

Подобра работа, поголема љубов или дури и само поголема чаша вино—не се задоволувај со помалку од страв.




16. Патувај—сега, не подоцна

Халштат, Салцбург, Љубљана, Загреб—каде и да те влече срцето. Светот е огромен, а спомените се бесценети.

17. Не бркај—привлекувај

Во љубовта и во животот. Она што е за тебе ќе те најде тогаш кога си своја, без компромиси.

18. Растот изгледа различно кај секого

Само затоа што некој стигнал побрзо, не значи дека твоето патување е помалку посебно.

19. Флертувањето е уметност—совладај ја

Убава насмевка и духовит коментар? Непобедлива комбинација.

20. Исцелувањето не оди по права линија

Некои денови ќе блескаш, а некои ќе плачеш за порака оставена на „seen и sent“ И двете се во ред.




21. Прославувај ги малите победи

Објави го кафето на стори, сподели го зајдисонцето, наздрави за малите моменти—тие се вистинските пресвртници.

22. „Closure“ е мит

Најчесто, ти самата си го даваш завршетокот кога ќе одлучиш да продолжиш понатаму.

23. Сништата заслужуваат акција, не само восхитување

Започни го тој проект, објави ја таа блог објава, испрати ја таа апликација за работа—чекори напред.

24. Вистинската самодоверба не е гласна—таа е мирна

Не бара внимание, туку се движи со своја сила.

25. Љубовта не секогаш е огномет—понекогаш е топол сјај

Страста избледува, но добрината, безбедноста и поврзаноста стануваат се посилни.

26. “Red flags„ не ја менуваат својата боја

Не губи време надевајќи се дека нечие однесување чудесно ќе се промени—чувај го својот мир.




27. Животот не е филм—но може да биде филмски

Стави слушалки во ушите, пушти музика и внеси доза боја во твоите секојдневни прошетки. Создај си моменти што изгледаат како сцени од омилениот филм.

28. Не мора секогаш да бидеш вклучена на „On“

Твојата вредност не зависи од тоа колку си продуктивна или колку излегуваш. Сепак и Бог решил да одмори на 7-миот ден.

29. Никогаш не е доцна да се преобликуваш

Животот не е запишан во камен—ти си уметникот, а платното е твое и на него можеш да сликаш што ти душа сака.

30. Најважната љубовна приказна е онаа со себеси

На крајот на денот, единствената личност со која ќе го поминеш остатокот од животот си ти. Сакај се безусловно.

Триесеттата година претставува крај на едно поглавје и отпочнување на ново. Тука сум, пред својата тастатура, помудра (најверојатно), посилна (сигурно) и подготвена да живеам со намера, грациозност и мала доза зачин на „main character“ енергија.

Која е најважната лекција што ја научивте кога стапнавте во своите 30-ти?

Искрено ваша,

Лори ✍

0 comments