Предмалку го изгледав новиот филм во кој глуми Никол Кидман - "Babygirl" и не можев да издржам, а да не седнам зад тастатура и одеднаш да го искуцам сето она што ми помина низ глава дури го гледав филмот.
Имав на ум денес да објавам нешто сосема друго, но не можев да се воздржам, а да не го прокоментирам со вас филмов.
Луѓе, буквално се фатив себе си како си шепотам на скоро секоја сцена: „Сериозно, Роми? Кај ти е паметот?“
Замисли жена што има се — сопруг кој ја сака и обожува, прекрасно семејство и кариера што сама ја изградила од нула, која пак и донела можност да основа свој бизнис и да влезе во улога на генерален директор на својата компанија.
Роми Матис не е било која жена; таа е успешна, харизматична и ја има моќта да го обликува светот по свои правила.
Но, очигледно, тоа не и беше доволно.
Целото тоа совршенство го фрли во бездната поради Самуел — според мене, крајно обичен дечко, практикант, кој влегува на пракса во нејзината компанија, млад и полн со самодоверба, кој не и даде ништо освен сензација и понижување. И за што? За краткотрајна возбуда? За да избега од нејзиното секојдневие, кое изгледа предобро за да биде „интересно“?
Искрено, не можев да поверувам во она што го гледав нецели 2 часа... во нејзината слабост. Како може некој да фрли толку лесно љубов, доверба и години на стабилност за човек кој не ја почитува, кој ужива во тоа што таа има што да загуби, додека тој пак нема ништо за ризикување?
Најтежок за прифаќање ми беше фактот што нејзиниот сопруг не беше лош човек. Тој беше стабилноста во нејзиниот живот, човекот што ја поддржуваше и ја сакаше бескрајно. Немаше ништо што ќе го оправда нејзиниот пад во амбисот на своите најдлабоки, но шупливи фантазии.
Филмов не е приказна за слобода или ослободување, туку за самоуништување, спакувана како сексуална моќ. Потсетник дека понекогаш, она што го бараме надвор од себе е само бегство од она што не сме го решиле во нас самите.
Babygirl провоцира, и тоа успешно. Но, не ме натера да размислувам за желба и моќ — напротив, ме налути. Бев лута на Роми што се откажа од толку многу за некој што не заслужи ниту да го погледне.
Некој ќе рече дека ова е филм за сложеноста на човечката природа. Јас велам дека е суров потсетник дека среќата не значи ништо ако не знаеш да ја препознаеш.
Зошто да се качиш на врвот ако самиот ти ќе си го одземеш правото да останеш таму?
Babygirl е приказ за тоа колку брзо можеме да го изгубиме од вид она што е највредно. Лесно е да фантазираш за возбудливи авантури кога животот ти изгледа „предвидлив“. Но, дали минливата страст е доволна да го избрише сето она што си го градел со години?
За Роми, одговорот дојде предоцна. И можеби тука лежи вистинската поука: тревата секогаш изгледа позелена, се додека не стоиш на пепелта од она што некогаш било твое.
Вистинската слобода не е во тајните афери и во играњето со огнот. Таа е во способноста да го цениш она што го имаш, колку и да изгледа обично понекогаш.
Во свет каде сите трчаат по „нешто повеќе“, Babygirl ме потсетува дека понекогаш најголемата победа е да си дозволиш да бидеш задоволен со својот вистински живот.
Искрено ваша,
Лори ✍️
0 comments