Постои една тајна за маркетингот за која ретко кој зборува: половина од времето – импровизираме.
Да, секако, нон стоп правиме истражувања, анализираме трендови и градиме стратегии. Внимателно составуваме content календари, пишуваме и креираме интересни објави кои се надеваме дека ќе "бодат очи" и го мериме секој пиксел од нашите Canva дизајни.
Но, на крајот од денот, искрена ќе бидам и ќе кажам дека голем дел од успехот зависи од тоа дали ќе го фатиме вистинскиот бран во вистинскиот момент—и дали алгоритмот ќе биде расположен да ни даде шанса за романса 😄.
Јавање на алгоритамскиот бран
Некои денови, чувствуваш како да си ја открил тајната на успехот. Објавата експлодира, интеракциите летаат, и одеднаш, убеден си дека си маркетинг гениј.
Други денови, ќе вложиш срце и душа во содржина што ја сметаш за совршена – и таа мистериозно исчезнува во длабочините на интернетот без речиси ниту еден лајк.
Без предупредување. Без логика. Само хаос.
Слично како кога се обидуваш да импресионираш мачка—еден ден те сака, а следниот те игнорира како да не постоиш. Таков е алгоритмот.
Среќа vs. стратегија: Каде е балансот?
Научив дека маркетингот е совршен баланс помеѓу стратегија и чиста среќа. Мораш да го знаеш пазарот, да ги следиш трендовите и да размислуваш однапред. Но во исто време, мораш да прифатиш дека понекогаш, успехот не е ништо повеќе од совршен тајминг.
Не си секогаш ти. Понекогаш, тоа е алгоритмот. И ако дозволиш тоа да те излуди, ќе останеш заглавен анализирајќи зошто една објава поминала добро, а друга не.
Што е вистинскиот план?
Клучот е да продолжиш да работиш, да се трудиш. Што би рекле Американците: "to show up", односно, да се појавуваш, да те има, да си присутен. Да експериментираш, да објавуваш, да се вклучуваш во разговори со маркетинг индустријата.
Не секоја објава ќе биде хит, и тоа е во ред. Бидејќи маркетингот не се гради на една совршена објава—туку на континуитет, на нови бранови, на упорност.
А еве ми ја вистинската поента на муабетов: Конзистентноста победува над совршеноста.
Алгоритмот може да биде непредвидлив, но вистинскиот успех доаѓа кога се појавуваш (when you show up), кога си присутен и те има, даваш вредност на секоја објава, секој пишан збор, секој креиран дизајн и остануваш автентичен.
Никој не памети само една вирална објава—брендот се гради кога постојано си тука, присутен, без разлика што велат бројките денес.
Затоа, ако некогаш почувствуваш дека немаш поим што правиш, само сети се: ни алгоритмот нема поим. А сепак, некако, сите опстојуваме.
Искрено ваша,
Лори ✍️
0 comments