Завчера ја објавија, а веќе денес успеав да ја завршам со гледање првата сезона од новата Нетфликс серија со Кејт Хадсон, Running Point, и… вау – каква јака серија! Во серијава Кејт има многу јака boss lady улога. Таа е претседател на кошаркарскиот тим Waves од Лос Анџелес, жена што доминира, знае како да носи одлуки и да го води тимот кон успех. Нејзиното семејство е сопственик на тимот, но да бидеме реални, таа е таа што ги влече конците. Самоуверена, стратешки ориентирана, цврста… но она што најмногу ме фасцинираше? Таа води со срце.
Ова ме натера да се подзамислам и да си направам еден краток муабет сама со себе.
Долго време гаев мислење дека ние жените не сме баш предодредени за да бидеме добри лидери, ниту пак менаџери. И да, овој заклучок е воглавно базиран од микс на сопствени искуства, туѓи впечатоци и слушнати еден куп негативни муабети низ годиниве. Не велам дека не сме добри лидери или менаџери затоа што ни недостасува интелигенција или вештини, туку едноставно сметам дека имаме еден голем вроден недостаток како пол, а тоа е дека премногу чувствуваме. Кога ќе дојде момент за донесување тешки одлуки, емоциите многу често знаат да ни ја замаглат проценката. Или барем, вака мислев до скоро...
Но, во последниве 7, 8 месеци сфатив нешто многу важно.
Сфатив дека тоа што до скоро го сметав за маана, всушност е нашата супермоќ. Емоциите не се слабост, туку предност. Да бидеме реални, не сите жени се родени да бидат лидери и менаџери, исто како што не се ни сите мажи. Но оние жени што ја имаат таа
лидерска искра во себе, поседуваат уште нешто екстра - емпатија, природно чувство за разбирање на луѓето и способност да ја балансираат амбицијата со грижа.
Да го земеме спортот како пример поради серијава со Кејт Хадсон. Таткото на Кејт во серијата бил претседател на кошаркарски тим пред ненадејно да почине. Во неколку наврати ликот на Кејт ни се обраќа нам гледачите и ни раскажува за тоа како нејзиниот татко гледал на играчите само како бројки, редовно ја притискал нивната граница на издржливост, се со цел по секоја цена да се победи на секој натпревар. Вистинскиот лидер, односно во случајов ликот на Кејт Хадсон, е лидерот кој сочувствува, знае и чувствува кога треба да притисне, а кога да се воздржи или повлече. Знае кога играчот има потреба од дополнителен поттик за потполно да го реализира својот потенцијал, и кога повлекувањето од игра на истиот, во крајна линија, може да му ја спаси кариерата, иако тоа на играчот првенствено нема да му се допадне.
Истото важи и за било кое друго работно место. Добра жена лидер не е онаа што ги потиснува своите емоции за да се вклопи во традиционалниот модел на лидерство. Таа е онаа што го користи ова, ја чита атмосферата, ги разбира предизвиците на својот тим, и донесува одлуки не само врз основа на логика, туку и на интуиција и длабоко разбирање.
Ќе повторам, не велам во ниту еден момент дека секоја жена ја бива да биде добар лидер и менаџер. Но оние што ги бива се токму тие кои ја користат паметно својата емпатија како супер моќ. Серијата Running Point ме потсети колку ова може да биде моќно.
А ликот на Кејт Хадсон? Едноставно предобар! Таа ги менува правилата на играта. Благодарение на нејзиниот лик и оваа серија конечно доаѓа до израз женската емоционална интелигенција онаква каква што навистина е: не како слабост, туку како лидерска вештина што прави огромна разлика.
Што мислите вие, дали емоциите помагаат или одмагаат кога сте на лидерска позиција?
Искрено ваша,
Лори ✍
0 comments