Оскари 2025: Најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих


Ако има една вечер во годината кога модата зборува погласно од зборовите, тоа дефинитивно е ноќта на Оскарите. Вчерашниот црвен тепих беше спектакл од раскош, елеганција и модни ризици - некои успешни, некои помалку. Но, за мене, овие аутфити беа вистинскиот врв на гламурот, комбинација на софистицираност, стилска храброст и беспрекорно модно чувство.

Ова се ѕвездите кои ме оставија без здив и кои според мене ја заслужуваат титулата најдобро облечени на овогодинешните Оскари.




Аријана Гранде во Schiaparelli Haute Couture

Аријана Гранде изгледаше како да излегла од бајка во оваа пастелно розова креација од Schiaparelli, извезена со 190.000 кристали. Овој фустан не само што ја долови нејзината ефирна естетика, туку и ја направи да изгледа како вистинска принцеза на вечерта. Што најмногу ми го привлече вниманието? Кристалите! Кристалите кои ја фаќаа светлината со секој нејзин чекор.



Деми Мур во Giorgio Armani Privé

Деми Мур докажа дека вистинскиот стил нема рок на траење. Овој Giorgio Armani Privé фустан со длабоко деколте и плисирани детали беше дефиниција за раскошна едноставност. Понекогаш, не е потребно ништо повеќе од совршен крој и беспрекорна самодоверба, а Деми ги поседуваше и двете на црвениот тепих на вчерашните Оскари.




Зои Салдана во Saint Laurent

Зои Салдана се појави во богата, вино-црвена тоалета со проѕирни ракавици и Cartier накит. Овој аутфит мораше да влезе во моите фаворити затоа што Зои изгледаше како некоја глумица излезена од стар Холивуд, но со модерен осврт. Чиста 5-ка!



Селена Гомез во Ralph Lauren Collection

Селена изгледаше како живо ремек-дело во блескава тоалета извезена со 16.000 стаклени капки. Ова е тип на фустан што говори сам за себе, а Селена беше совршена муза за него.



Ема Стоун во Louis Vuitton

Секогаш ме воодушевува како Ема Стоун знае да изгледа кралски без да изгледа пренападно. Оваа шампањ тоалета беше дефиниција за тиха елеганција. Нема премногу украси, нема екстремни кроеви, само чиста софистицираност.



Мишел Јео во Balenciaga

Оваа кралско-сина тоалета од Balenciaga беше апсолутен моден момент. Асиметричниот крој и драматичниот шлеп создадоа впечатлив изглед, кој го зацврсти местото на Мишел Јео како една од најдобро облечените жени на црвениот тепих.



Џереми Стронг во Prada

Џереми Стронг е моден risk-taker, и тоа го обожавам! Овој маслинесто-зелен костум со екстра голема машна беше потег што или ќе го мразиш или ќе го обожаваш. Јас? Го обожавам!



Хали Бери во Christian Siriano

Хали Бери ја изнесе најмодерната интерпретација на оскаровски гламур. Овој mirror-like фустан буквално рефлектираше светлина и создаваше уметнички момент на секоја фотографија. Дефинитивно нешто неконвенционално, но генијално!



Џеф Голдблум во Gucci

Џеф Голдблум секогаш знае како да го направи класичното забавно! Овој Gucci костум со кремасто сако, цветна принт кошула и виолетова марама е доказ дека можеш да излегаш беспрекорно, а сепак да се забавуваш и да не земаш се пресериозно, па дури ни кога се работи за аутфит со кој треба да се појавиш на Оскарите. Џеф Голдблум добива чиста 5-ка за ова издание!



Гал Гадот во Givenchy

Кога сакаш да оставиш печат без да кажеш ниту збор, избери тоалета во црвена боја. Гал Гадот го направи токму тоа. Овој Givenchy фустан изгледаше моќно, женствено и безвременски.



Фелисити Џонс во Versace

Сребрениот металик аутфит на Фелисити Џонс беше едноставен, но неверојатно впечатлив. Оваа тоалета е доказ дека иднината на гламурот е сега.



Голди Хоун и Курт Расел (дизајнер непознат)

Голди и Курт изгледаа како парадигма на стар холивудски гламур. Златната, драпирана тоалета на Голди, украсена со металик кристали и корсетски крој, совршено ѝ прилегаше, додека нејзиниот Sabyasachi дијамантски ѓердан додаде уште поголема елеганција. Курт остана верен на класиката со беспрекорен црн смокинг, бела кошула и црна машна, правејќи го нивниот моден момент безвременски.



Лиса (BLACKPINK) во Alexander McQueen

Лиса ја редефинираше машко-женската мода со овој црно-бел костум од Alexander McQueen. Долгото сако, кошулата со големи манжетни и црвениот цвет како моден акцент ѝ дадоа апсолутно неприкосновен стилски момент.



Ел Фенинг во Balmain

Ел Фенинг беше вистинска модна визија во оваа ретро инспирирана бела чипкана тоалета од Balmain, заокружена со совршено поставена црна панделка на половината. Овој аутфит беше нежен, безвременски и суптилно драматичен. Комбинацијата со елегантна пунџа и дијамантско ѓерданче беше совршен спој.



Мајли Сајрус во Maison Margiela

Мајли Сајрус го донесе најсмелиот гламур на вечерта со оваа ултра драматична црна тоалета од Maison Margiela, украсена со светкави рачни везови и гранџ деталите кои совршено го отсликуваат нејзиниот стил. Рачно везените чипкани ракавици, пуштената брановидна коса и смелите тетоважи создадоа совршен баланс меѓу гламур и рокерски шик. Ова беше еден од најнезаборавните аутфити на вечерта!




Модата е уметност, а овие ѕвезди вчера беа нејзиното платно.

Црвениот тепих на овогодинешните Оскари ни донесе многу различни стилови, од класичен гламур до авангарда, од минимализам до чист ексцес.

Ова беа моите фаворити, аутфити што ме натераа да фрлам поглед неколку пати и да ги изанализирам од секој агол.

Аутфити што не само што беа визуелно совршени, туку носеа и приказна со себе.

Кој е твојот моден фаворит? Пиши ми во коментарите, сакам да знам кој ти остави најголем впечаток!

Искрено ваша,

Лори 

0 comments