Кога за првпат видов во листата Coming Soon на Нетфликс минатата година во декември дека Меган Маркл ќе има нов серијал, Со љубов, Меган, мора да признаам дека ми се појави некоја доза на љубопитност.
Меган отсекогаш предизвикувала поделени мислења во јавноста – за едни, таа е инспиративна фигура, за други, извор на контроверзии, па решив да пристапам непристрасно, надевајќи се дека оваа нова lifestyle серија ќе донесе свежина и автентичност.
Спојлер: не донесе.
Каков серијал е „Со љубов, Меган“?
Со љубов, Меган (With Love, Meghan) е осум-епизодна серија во која војвотката од Сасекс се појавува како гуру за модерен начин на живеење. Таа во секоја епизода ни прикажува разни аспекти на домаќинство – од готвење и градинарство до рачни изработки, во постојано друштво на познати личности како Минди Калинг и Алиса Вотерс.
На хартија, ова изгледа како совршен рецепт за едно смирувачко, инспиративно и едукативно серијалче, нешто во духот на она што го прави Марта Стјуарт, но со „благороднички“ шмек.
Но тука наидуваме на клучниот проблем: шоуто е целосно отуѓено од реалноста.
Меган нè внесува во својот свет во кој навидум нема несовршености, сè е беспрекорно организирано, а секој кадар изгледа како да е изваден од списание за луксузен живот.
Без предизвици, без автентични моменти, само една внимателно исценирана бајка за идеалното домаќинство, а таа идеалната домаќинка.
Ај да бидеме искрени, дали навистина веруваме дека Меган минува часови во кастрење рози и месење домашен леб со квасец?
Што би рекле англичаните... I do not think so.
Критики и реакции – што вели јавноста?
Јас не сум единствената што размислува вака. Сите рецензии кои јас успеав да ги прочитам се апсолутно безмилосни.
The Guardian го нарече шоуто „бесцелно“, The Independent го оцени како „заморно и напорно“, а IMDb рејтингот се спушти на разочарувачки 2.4/10.
На социјалните мрежи, гледачите се речиси едногласни: „Најлажното нешто што сум го видел/а!“.
Разбирливо. Лесно е да се претстави животниот стил како бајка, но кога тој е толку оддалечен од реалноста на обичниот човек, тоа предизвикува фрустрација.
Недостигаат искреност, ранливост, вистински ситуации. Наместо тоа, добиваме сценарио во кое сè е совршено и недостижно. Ова предизвикува потешкотии за самиот гледач да се поврзе со приказната на Меган.
Вреди ли да се гледа „Со љубов, Меган“?
Сакав да ми се допадне ова шоу. Навистина сакав. И верувам дека ќе беше поуспешно ако Меган наместо совршенство, прикажеше искреност.
Замислете моменти каде што колачите загоруваат, градината не цвета како што треба, или каде што таа самата се соочува со предизвици во учењето нови вештини. Тоа ќе беше освежувачко и човечно!
Наместо тоа, Со љубов, Меган повеќе наликува на продолжено Instagram стори... визуелно прекрасно, но без никаква суштина.
Ако навистина сакате инспиративно lifestyle шоу на Нетфликс, топло ви препорачувам да си го пуштите шоуто „Queer Eye“ или на HBO „Selena + Chef“ – емисии што зрачат со топлина, искреност и голема доза на животна реалност.
Да или Не?
Дали би го препорачала Со љубов, Меган?
Вака сега... Ако сте љубопитни и сакате да видите за што станува збор, можеби.
Доколку сакате нешто да ви брчи во позадина додека работите, ја чекате машината за перење алишта, чистите или готвите, Меган Маркл ќе ви биде топ сојузник кој ќе ви прави друштво или ќе ве занимава додека да ги завршувате сите овие задачки/обврски.
Има неколку ситни едукативни моменти во епизодите кои можеби ќе бидат корисни за неколкумина од вас, па ете пробајте и дајте и шанса доколку сте ептен љубопитни.
Сепак, ако барате нешто суштинско, што навистина ќе ве инспирира и ќе ви привлече целосно внимание, подобро прескокнете го ова шоу.
Што мислите вие? Дали веќе го гледавте Со љубов, Меган?
Доколку да, тогаш споделете ги вашите впечатоци во коментарите!
Искрено ваша,
Лори ✍
0 comments